
Турската фудбалска репрезентација влегува во нова ера. Искусниот стратег Серген Јалчин и официјално ја презеде селекторската функција, откако потпиша четиригодишен договор со Турската фудбалска федерација (ТФФ). На оваа позиција тој го наследува италијанскиот стручњак Винченцо Монтела.

Свеченото потпишување на договорот се одржа во седиштето на Турската фудбалска федерација во Рива, каде што Јалчин беше претставен како нов предводник на националниот тим.
На церемонијата присуствуваше и претседателот на федерацијата, Ибрахим Хаџиосманоглу, кој истакна дека има голема доверба во фудбалското знаење и искуството на новиот селектор.
Јалчин не го криеше задоволството од новиот предизвик, нагласувајќи дека водењето на националниот тим претставува еден од најзначајните моменти во неговата кариера.
„Ова е еден од најважните денови во мојата кариера. Националниот тим е над сè. Веруваме дека пред нас се успешни денови. На овој пат ни е потребна поддршката од сите“, порача Јалчин.
Новиот селектор испрати и силна порака до турската јавност, истакнувајќи дека сака да ја врати позитивната атмосфера околу репрезентацијата.
„Јас сум селектор на народот“, изјави Јалчин, нагласувајќи дека националниот тим мора да биде симбол на единство и заедничка гордост.
Тој најави дека вратите на репрезентацијата ќе бидат отворени за сите фудбалери, без разлика на клубот во кој настапуваат, а главен критериум при изборот ќе бидат квалитетот, формата и заслуженото место во националниот состав.
Заедно со новиот селектор беше претставен и неговиот стручен штаб. Координатор на стручниот тим ќе биде Серхат Мерт, додека Мурат Кајтаз ќе ја извршува функцијата помошен тренер.
За физичката подготовка ќе бидат задолжени Нијази Ениселeр и Емре Ѓурбуз, додека Ерол Ајчичек ќе работи со голманите. Во аналитичкиот тим ќе бидат Тарик Јигит Егели, Окан Ајдинер и Мухамет Нури Пурен.
Јалчин зад себе има богато искуство во турскиот фудбал, а најголемите тренерски успеси ги оствари со Бешикташ, клуб со кој во 2021 година ги освои турското првенство и Купот на Турција.
Неговото назначување доаѓа по заминувањето на Винченцо Монтела, со кого Турската фудбалска федерација ја прекина соработката по серијата негативни резултати во Лигата на нации.

Со четиригодишниот договор, турската федерација му ја доверува на Јалчин задачата да изгради конкурентна репрезентација и да ја врати довербата кај навивачите

