Мексиканската влада како награда на лотарија ја нуди куќата од која наркобосот Хоакин Гузман, познат како „Ел Чапо“, избега во 2014 година, а потоа беше осуден на доживотен затвор во САД.
Куќата во Кулијакан, главниот град на државата Синалоа, во североистокот на Мексико, се проценува на 3,6 милиони пезоси (184.000 американски долари), се наведува на веб-страницата на Националната лотарија.
Тоа е дел од понудата на награди во вкупна вредност од 12,5 милиони долари, што Владата ги намени за лотаријата на 15 септември.
На 16 февруари 2014 година, Ел Чапо избегал од таа куќа преку подземен тунел. Тој беше уапсен шест години подоцна во државата Синалоа и испратен во затворот од кој избега. Повторно беше уапсен во 2016 година и следната година беше екстрадиран во САД, а во јули 2019 година беше осуден на доживотен затвор во Њујорк.
Тој ја издржува казната во високо-безбедносен затвор во Колорадо. Со години важеше за најмоќниот дилер на дрога во светот.
Владата на левичарскиот претседател на Мексико, Андрес Мануел Лопез Обрадор, претходно безуспешно се обиде да ја продаде неговата куќа и другиот конфискуван имот, што ги стекнал преку организиран криминал.
Лопез Обрадор тогаш изјави дека има намера парите од таа продажба да ги потроши на образование и здравство.
Владата нуди и куќа во горниот кварт Педрегал, во јужниот дел на Мексико Сити, која беше во сопственост на Амад Карил, покојниот шеф на картелот Хуарез.