Утрински Весник
Македонија

Акција на МВР, ОЈО и Шумската полиција: Се одземаат околу 400 кубици огревно дрво во Скопје

Screenshot 2026 10 08 162806.jpg

Голема акција за одземање на околу 400 кубни метри огревно дрво се спроведува во Скопје, по налог на Основното јавно обвинителство, со учество на Министерството за внатрешни работи, Шумската полиција и службите на ЈП „Македонски шуми“. Дрвата, чија пазарна вредност се проценува на околу два милиони денари, односно над 30.000 евра, се одземаат од правно лице кое се занимава со промет на огревно дрво.

Информацијата преку својот Фејсбук-профил ја објави заменик-директорот на ЈП „Национални шуми“, Кире Михаилов, кој посочи дека акцијата започнала доцна синоќа, а ѝ претходела десетдневна интензивна истрага за можни криминални активности поврзани со транспортот и продажбата на дрвата.


Според Михаилов, првичните информации укажуваат на сомневања за постоење добро организирана група која подолг период можеби незаконски транспортирала и продавала огревно дрво, остварувајќи значителни непријавени приходи.

„Од она кое што засега го имаме како информација, се работи за добро организирана група која најверојатно подолго време работела нелегални активности околу превоз и продажба на дрва од кои активности најверојатно се направени сериозно големи незаконски скриени приходи“, напиша Михаилов.

Тој посочува дека сомневањата не се ограничени само на Скопје, туку опфаќаат поширока територија.

„Засега, индициите укажуваат дека пипците на овој криминален октопод се простираат од Скопска Црна Гора, преку Китка до планините во Гостивар и Велес“, наведува заменик-директорот.

Особено сериозни се неговите сомневања дека во евентуалните незаконски активности можеби биле вклучени и лица вработени во државните институции задолжени за заштита на шумите.

Михаилов оценува дека злоупотреби од вакви размери тешко би можеле да се одвиваат без поддршка од поединци во ЈП „Македонски шуми“ и други надлежни институции. Сепак, засега станува збор за сомневања кои треба да бидат проверени во рамки на истрагата.

Во својата објава, тој упати благодарност до надлежните во Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, Шумската полиција и Државниот инспекторат за шумарство и ловство за нивниот придонес во акцијата.

„Решавањето на овој случај ќе покаже дека нема недопирливи, нема големи и мали, туку едноставно, дека Законот важи исто за сите оние кои се дрзнале да го злоупотребат, изиграат или игнорираат без разлика кои се“, порача Михаилов.

Тој нагласи дека државата мора да покаже нулта толеранција за незаконското богатење на сметка на шумите, кои претставуваат национално богатство.

Од објавените информации засега не е познато дали има приведени или осомничени лица, ниту дали е утврдена евентуална вмешаност на службени лица во незаконските активности.

Истрагата треба да утврди од каде потекнуваат дрвата, дали биле незаконски транспортирани и продавани, како и дали постои поширока мрежа на лица вклучени во евентуалните злоупотреби.

Можете да прочитате

Радиологија остана со неисправни КТ апарати, пациентите се пренасочуваат во две скопски болници

Муцунски по средбата во Софија: Кога ќе затвориме едно прашање со Бугарија, се отвора ново

Петрова-Чамова по средбата со Муцунски: Најдобрата гаранција се уставните измени и исполнувањето на договореното