Утрински Весник
Македонија

МВР ги демантира обвинувањата за набавката на гуми за возила

МВР ги демантира обвинувањата за набавката на гуми за возила

Министерството за внатрешни работи ги демантира тврдењата на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Игор Јанушев, кој денеска ги изнесе на прес конференција, за набавката на гуми за потребите на МВР.

„ За предметната постапка склучена е рамковна спогодба со која на МВР му е овозможено да набавува пневматици со количини за кои има потреба, кога има потреба, во следниот период од три години. Постапката е поделена на четири дела, по видови возила и вкупно има 210 различни димензии и видови на пневматици. Во МВР последните години се води детална евиденција пред правење нарачка за нови пневматици, односно колку километри поминало возилото и временски кога се промениле гумите последен пат, за разлика од минатото кога се нарачувале гуми без никаква евиденција за потребите од истите и се делеле гуми по блискост на раководни лица со барателите.

МВР за прв пат во тендерот предвиде гумите да се менуваат децентрализирано во сите сектори за внатрешни работи, а не како во минатото кога сите возила од цела држава мораа да доаѓаат во Скопје и да чекаат промена на една до две локации два пати годишно и да прават дополнителни трошоци. Во новата постапка се предвидува гумите да бидат произведени пред не повеќе од 12 месеци и бараме гаранција од 24 месеци, што претходно не било случај. Исто така, бараме и бесплатна промена сезонски за целиот период на гаранција. И покрај сите овие барања кои влијаат на цената, сепак избраниот понудувач има поднесено пониска понуда за два од вкупно три дела, каде што поднел понуда и претходниот понудувач“ се вели во реакцијата на МВР.

Оттаму додаваат дека за сите информации за било која јавна набавка МВР е достапно за информации за сите медиуми и граѓани.

Можете да прочитате

Следните неколку денови стабилно, па повторно промена и дожд

Молика стара 250 години уништена од силен ветер

Меџити тоа што не може да го блокира, го узурпира, реагира Ирена Витина