
Во Србија се регистрирани вкупно 60 случаи на заболени од западнонилска треска од почетокот на сезоната на надзор, 1 јуни, па сè до 18 октомври 2026 година, од кои 49 лица се со невроинвазивна форма на болеста, соопшти денеска Институтот за јавно здравје на Србија „Д-р Милан Јовановиќ Батут“.

Меѓу заболените се 35 мажи и 25 жени, со просечна возраст од 63,6 години, а случаите се евидентирани во 13 окрузи, од кои 23 во Белград.
Во меѓувреме, заклучно со 14 октомври, вирусот на Западен Нил е идентификуван во вкупно 208 подрачја во 16 европски земји. Во рамките на Европската Унија и Европскиот економски простор, случаи кај луѓе се регистрирани во Италија, Грција, Романија, Шпанија, Франција, Германија, Австрија, Холандија, Хрватска, Кипар, Унгарија, Белгија, Бугарија и Словенија. Најголем број зафатени подрачја има во Италија (70), Франција (28), Грција (25) и Романија (24).
Во регионот, освен во Србија, случаи на заразени со вирусот се регистрирани и во Македонија и Албанија.

