Утрински Весник
Скопје

Денес имавме среќа, но што ако утре некое дете го нема? – три кучиња нападнале мајка и 7-годишна ќерка во Скопје

Kucinja vo glutnica vo centar vreme zima 1a bg.jpg

Вистинска драма се случила во скопската населба Ченто, каде што мајка и нејзината седумгодишна ќерка, според сведоштвото на мајката, биле нападнати од три кучиња додека пешачеле по тротоар спроти бензинската пумпа „Лукоил“, кај цементарата, на улицата „Борис Трајковски“.

За инцидентот јавно алармираше Елена Штерјов, која преку објава на социјалните мрежи го сподели вознемирувачкото искуство и побара итна реакција од надлежните институции, предупредувајќи дека следниот ваков случај би можел да заврши трагично.


Според нејзиното сведоштво, нападот се случил додека со својата ќерка се движела по тротоарот, кога одеднаш биле нападнати од три кучиња. Во обид да се спасат, биле принудени да истрчаат на улицата по која се движеле автомобили, со што дополнително ги загрозиле своите животи.

„Денес, додека пешачев со мојата 7-годишна ќерка по тротоарот спроти бензинската пумпа ‘Лукоил’, кај Цементара, на ул. ‘Борис Трајковски’, нè нападнаа ТРИ КУЧИЊА! За влакно избегнавме сериозни повреди! За да се спасиме, бевме принудени да истрчаме на улица по која се движеа автомобили, дополнително загрозувајќи ги нашите животи!“, напиша Штерјов.

Таа посочува дека овој пат успеале да избегнат сериозни последици, но прашува дали институциите ќе реагираат пред да се случи трагедија.

„ДЕНЕС ИМАВМЕ СРЕЌА. НО ШТО АКО УТРЕ НЕКОЕ ДЕТЕ ЈА НЕМА?“, прашува вознемирената мајка.

Според неа, ова не е изолиран случај, поради што бара конкретни мерки за заштита на граѓаните, особено на најмладите.

Штерјов наведува дека веднаш по инцидентот случајот го пријавила во полиција, од каде што, според нејзините зборови, била упатена кон ЈП „Лајка“, како претпријатие надлежно за заловување на кучињата.

Таа јавно го поставува прашањето до кога одговорноста ќе се префрла од една институција на друга, додека граѓаните се соочуваат со опасности на јавните површини.

„ДО КОГА ОДГОВОРНОСТА ЌЕ СЕ ПРЕФРЛА ОД ЕДНА ИНСТИТУЦИЈА НА ДРУГА? Не бараме изговори, туку КОНКРЕТНА РЕАКЦИЈА И ОДГОВОРНОСТ!“, порачува таа.

Во својата објава мајката апелира до јавноста да го сподели нејзиното искуство, со надеж дека случајот ќе предизвика реакција од институциите и ќе придонесе за спречување слични инциденти во иднина.

„Дали навистина треба да се случи трагедија, да настрада дете, за институциите сериозно да си ја сфатат работата? Безбедноста на граѓаните, а особено на децата, не смее да биде ничија туѓа надлежност!“, нагласува Штерјов.

На крајот од објавата таа уште еднаш бара итно преземање одговорност, истакнувајќи дека е бесна поради случката и дека токму затоа решила јавно да проговори.

„НЕКОЈ МОРА ДА ПРЕЗЕМЕ ОДГОВОРНОСТ. И ТОА ВЕДНАШ!“, порачува мајката.

Нејзиното сведоштво повторно го отвора прашањето за безбедноста на пешаците и децата на јавните површини, како и за постапувањето на надлежните институции по пријави за агресивни кучиња.

Можете да прочитате

Герасимовски: Редовна есенска дератизација во Центар, опфатени 2.000 шахти

Во Скопје одбележан Светскиот ден на поправки под мотото „Поправките ги поврзуваат луѓето“

Меџити: Старата скопска чаршија останува наш приоритет, зачувувањето на традицијата и нејзиниот развој бараат заедничка посветеност