Утрински Весник
Македонија

ЗНМ: Уште една срамна пресуда за новинарите за настаните од „27 април“

ЗНМ: Уште една срамна пресуда за новинарите за настаните од „27 април“

Основниот граѓански суд во Скопје денеска ја одби тужбата за спреченост на правото на информирање на граѓаните, како и за нематеријална штета за претрпен страв и душевна болка на Горан Трпеновски, кој за време на инцидентите од Собранието на 27 април 2017 година, како новинар известуваше за онлајн медиумот САКАМДАКАЖАМ.МК (sdk.mk).

Во пресудата, судијата Јованка Спировска-Панева образложува дека во тоа време Трпеновски не бил новинар бидејќи работел во онлајн медиумот САКАМДАКАЖАМ.МК, кој, пак, според Закон за медиуми, според судија Панева не се смета за медиум. Освен ова, дополнително судот во оваа пресуда не го признава правото на информирање како уставна категорија, оценувајќи дека во тоа време колегата Трпеновски бил спречен да ја информира македонската јавноста за случувањата во Собранието, а следствено на тоа нема право на штета.

Од Здружението на новинарите (ЗНМ) оценуваат дека оваа судска пресуда е проблематична од неколку аспекти.

„Прво, пресудата не е во согласност со праксата на Европскиот суд за човекови права за кој е неспорно дека онлајн медиумите се медиуми, а новинарите коишто работат во овие медиуми се новинари, а нашите судови имаат обврска да ја следат праксата на ЕСЧП.

Второ, судот со пресуда не го почитува заклучокот на четирите апелациони судови во Република Северна Македонија со кој онлајн медиумите кои како странки се јавуваат пред првостепените граѓански судови кои при одлучување во постапки за навреда и клевета мора да имаат ист третман како и традиционалните медиуми од мај 2019 година. Овој заклучок на четирите апелациони судови треба да биде поука дека и во сите други постапки каде новинарите од онлајн медиумите бараат правда пред судовите не смеат да бидат одбиени со објаснување дека не се новинари.

Ваквите судски пресуди ја загрозуваат слободата на говорот и ја дискредитира новинарската професија, како и улогата на медиумите во едно демократско општество за што ЗНМ во наредните денови ќе ги запознае и меѓународните организации кои ја следат слободата на изразување во нашата земја“, наведува Здружението.

Можете да прочитате

Македонец и Албанец осудени за брутално убиство во Малта – едниот со 40 години, другиот доживотно

Арсовска: Секој ден се фаќаат по 30 диви приклучоци на вода, МВР мора да постапува!

Хеликоптерот на МВР исфрли повеќе од 30 тони вода во реонот на Дојран