Државниот завод за статистика преку апликацијата за самопопишување до утрово, во 8 часот, евидентирал 71.503 лица што се попишале. Бројката на попишани лица од дијаспората секојдневно расте, а за лицата кои живеат надвор од земјава, пописот преку веб-апликацијата непречено ќе трае секојдневно до 21 април.
„Според искуството на иселениците, потребни се само 10 минути преку едноставната апликација да се попишат и со тоа да придонесат за подобра иднина на земјава“, велат од Државниот завод за статистика.
Доколку иселениците се соочат со прашање или проблем, тие треба да се обратат до ДЗС на следнава електронска пошта: popis2021@stat.gov.mk, со цел заеднички да се надмине пречката доколку има проблем.
„Апелираме да не се објавуваат непроверени информации поврзани со попишувањето. Нашите екипи будно го следат целиот процес и стојат на располагање за сите дилеми на дијаспората и медиумите“, велат од ДЗС.
Инаку, деновиве министерот за надворешни работи Бујар Османи е во посета на Швајцарија и Шпанија, во чии рамки меѓу другото ќе оствари средби и со претставници на дијаспората во врска со попишувањето на иселениците.
Тој во Сион, Швајцарија денеска се сретна со претставници на бројната дијаспора во Швајцарија. Една од темите на средбата беше текот на попишување на тамошната дијаспора во рамките на Пописот 2021.
„Резултатите од Пописот ни требаат за да имаме основа за донесување на развојни политики засновани врз прецизни податоци кои повторно, ќе бидат од директна полза на граѓаните, од полза на нашата дијаспора“, истакна Османи.
Министерот потенцираше дека оваа дијаспора, нејзината интегрираност во швајцарскиот систем е огромна можност за продлабочување на соработката со матичната држава, но попишувањето треба да ја покаже вистинската бројка на иселеници во оваа земја.
„Според некои податоци, околу 70.000 граѓани на Република Северна Македонија живеат и работат во Швајцарија, од кои речиси 30.000 имаат добиено швајцарско државјанство, но Пописот треба да ја покаже вистинската бројка и многу други податоци, преку кои ќе можеме да ги засилиме врските и да креираме политики, ориентирани кон засилена соработка со дијаспората“, нагласи Османи.
По посетата на Швајцарија, министерот за надворешни работи заминува во Мадрид, Шпанија, каде што исто така е предвидена средба со претставници на дијаспората на која ќе се разговара за спроведувањето на пописот.