Денеска е отворена обновената спомен-соба на Крсте Мисирков која содржи документи и фотографии, дел во електронска форма, кои сведочат за животот и образовната, научната, дипломатската и револуционерната активност на првиот кодификатор на македонскиот јазик. Посебно место во поставката зазема книгата „За македонцките работи“, објавена во 1903 година.
„Отворањето на подновената Спомен-соба на Крсте Мисиркове е навистина значаен настан не само за Институтот за македонски јазик, чиј патрон е Мисирков, и не само за Министерството за образование и наука, туку за целата држава, затоа што на овој начин се покажува и почитување кон неговото дело, но исто така и вложување во грижата и негувањето на македонскиот јазик и сите оние што придонеле за денешницата, рече министерката за образование и наука Мила Царовска денес, на промоцијата на музејската поставка за животот и делото на Мисирков.
Директорката на Институтот за македонски јазик, Елена Јованова-Грујовска, потсети дека ова е година во која се одбележуваат 95 години од смртта на Крсте Мисирков, 100 години од раѓањето на Благоја Корубин, еден од основачите на Институтот и во годината на чествување на Блаже Конески.
„Мисирков во книгата „За македонцките работи“ ги постави основите на правата стандардизација на македонскиот јазик, Конески ги реализира идеите за современа македонска азбука, правопис и институционална кодификација на македонскиот јазик“, кажа Јованова-Грујовска.
Иницијативата за реставрирање и подновување на спомен-собата финансиски е подржана од Министерството за образование и наука заедно со Градот Скопје.