Утрински Весник
Македонија

Слаб одѕив за упис во прва година во трите гимназии во Дебарско

Слаб одѕив за упис во прва година во трите гимназии во Дебарско

Дебар,18 јуни 2020 (МИА) – Во трите гимназии во Дебарско забележан е слаб одѕив за упис во прва година за учебната 2020/2021 година. Во сите три училишта во кои вкупно има места за 544 завршени основци, за упис до попладнево се пријавиле само 93 полуматуранти.

-Во нашата гимназија до попладнево, пријави, со потребните документи, доставија 53 учениц. Колку од нив ќе бидат запишани ќе објавиме утре. Квотата за упис, според Конкурсот на Министерството за образование и наука, е 340 ученици на двата наставни јазика, македонски и албански, изјави Шабан Алајбегу, секретар на гимназијата „28 Ноември“ во Дебар.

Во гимназијата „ Маврово-Ростуше“ во Ростуше, според секретарот Бошко Божиновски, пријавени се 23 ученици. Во оваа образовна институција квотата за прва година е 102 ученика, сите на македонски јазик.

И во гимназијата „АТА“ во Центар Жупа, квотата е 102 ученика за паралелеките со македонски и турски наставен јазик. Како што информираше за МИА директорот Сабри Асан, за упис се пријавиле 17 ученици.

Заедничка оценка е дека во другите пријавувања бројот ќе биде поголем, бидејќи завршените основци, како што велат, и во изминатите години среќата најпрво  ја испробуваат во некое средно стручно училиште во државава, пред се во  медицинските училишта. втхс/ 

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

Србија ќе ни даде четири локомотиви за влечење на товарни вагони

Лицата кои беа заглавени во куќа во Светиниколско се безбедно евакуирани

Привремениот граничен премин Стрезимир – Рестилица отворен на одреден период