Утрински Весник
Македонија

Шилегов и Заев ги прошетаа Вучиќ и Рама по новоуредениот Кеј 13 Ноември

Шилегов и Заев ги прошетаа Вучиќ и Рама по новоуредениот Кеј 13 Ноември

Скопскиот градоначалник, Петре Шилегов и премиерот Зоран Заев денеска им беа домаќини на албанскиот премиер Еди Рама, како и на српскиот претседател Александар Вучиќ, кои се во посета на Скопје во рамки на одржувањето на регионалниот деловен економски форум.

Како што информираат од Град Скопје, Шилегов, Заев и гостите прошетале по новиот Кеј 13 Ноември.

„Попладнево им посакав добредојде на претседателот на Србија, Вучиќ и на премиерот на Албанија, Рама после што имавме заедничка прошетка по новиот скопски кеј, каде домаќин ни беше градоначалникот Шилегов. Разговаравме и со граѓаните во центарот на Скопје, како најава на Економскиот форум за регионална соработка кој првпат се одржува во Северна Македонија, како и за отворањето на нови перспективи за нашето поврзување“, напиша премиерот Заев на својот фејсбук-профил.

Домаќините ги почестиле двајцата високи гости печена пченка од уличните продавачи, а Шилегов им врачил подароци на сите.

Рама и Вучиќ се во посета на Скопје во рамки на одржувањето на Економскиот форум за регионална соработка, каде што учествуваат над 350 компании од Западен Балкан, а се очекуваат над 400 билатерални средби на бизнисмените.

Можете да прочитате

Велешанец при собирање печурки го погодил проектил од огнено оружје во левата нога

Детектор анкета: Секој трет размислува да се исели од Македонија

Бугарски медиуми: Сиљановска Давкова воодушевена од премиерата на Софиската опера и балет во Скопје