Утрински Весник
Свет

Нов Стратегиски концепт на НАТО, Русија стана директна закана

Нов Стратегиски концепт на Алијансата усвоија денеска шефовите на земјите членки на НАТО во Мадрид со кој се поставени приоритетите и клучните задачи за следната деценија.

Новиот Стратегиски концепт ја опишува безбедносната средина со која се соочува Алијансата и ја наведува клучната цел на НАТО да обезбеди квалитетна колективна одбрана.

„Документот поставува три клучни задачи за НАТО во следната деценија. Тоа се одвраќање и одбрана, спречување и управување со кризи и кооперативна безбедност“ – се вели во соопштението.

Како што претходно беше најавено, во стратегискиот концепт Руската Федерација се оценува како „директна закана“.

„Документот ја дефинира Русија како најзначајна и најдиректна закана за безбедноста на сојузниците, а по првпат се занимава и со Кина и предизвиците што Пекинг ги поставува за безбедноста, интересите и вредностите на сојузниците“ – се наведува во новиот концепт.

Исто така, во документот се споменува борбата против климатските промени како прашање кое се дефинира како дефинирачки предизвик на новото време.

Стратегискиот концепт на НАТО е документ кој се ажурира секоја деценија и е втор најважен документ на Алијансата. Со Стратегискиот концепт НАТО ги реафирмира вредностите на Алијансата, дава колективна процена на безбедносните предизвици и ги насочува политичките и воените активности.

Претходниот Стратегиски концепт на НАТО беше усвоен на состанокот во Лисабон во 2010 година.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг изјави дека НАТО ќе ги зајакне своите обврски кон Украина, а земјата може да се потпре на „континуираната поддршка“.

„Украина може да смета на нас онолку долго колку што е потребно“ – рече тој.

Додаде дека оваа „непоколеблива“ посветеност значи поголема воена и финансиска помош.

Можете да прочитате

Автобус повторно се преврте на автопат во Германија, патниците биле средношколци

Најмалку 38 лица загинаа во израелските напади врз сирискиот град Алепо

Портпаролот на терористичката „ИД“ го пофали нападот што го изврши во концертна сала во московскиот регион