Опозициската ВМРО-ДПМНЕ оцени дека е скандалозно тоа што на манифестацијата „Филмска култура во независна Македонија“, која што е директно финансирана од Владата, а посветена на 30 години македонски филм биле прикажани филмови од само една продукциска куќа.
„Срамен и скандалозен е фактот дека селекцијата на филмови кои се дел од програмата, без исклучок, се филмски проекти само и единствено на една продукциска куќа, а тоа е СКОПЈЕ ФИЛМ СТУДИО на генералниот секретар на ДФРМ, Томи Салковски. Новофилмските бранови Томи Салковски и Игор Иванов – Изи ги избришаа сите филмски професионалци, институции и здруженија. Тие покажаа огромно непочитување кон своите колеги и кон филмската дејност и бесрамно си направија сопствена/лична промоција под слоганот Филмска култура во независна Македонија, финансирана директно од Владата“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Комисијата за култура на ВМРО ДПМНЕ бара одговор од Владата, од Министерството за култура, од Директорот на Агенцијата за филм Бојан Лазаревски, од Директорот на Кинотека на Македонија Владимир Ангелов, од Директорот на Вардар филм Сани Саиди, од организаторот ЦРНА МАЧКА продукција, од Претседателот на ДФРМ, Игор Иванов Изи и од Генералниот секретар на ДФРМ Томи Салковски, на следниве прашања: Дали во изминативе 30 години единствена продуцентска куќа која создаваше на полето на филмската дејност е СКОПЈЕ ФИЛМ СТУДИО?; Зошто селекцијата опфати само филмови создадени во последниве осум години? Кои се причините за таквата одлука?; Кој релевантен филмски професионалец или институција ја одобри селекцијата на филмови за манифестацијата „Филмска култура во независна Македонија“?; Дали најавената програма беше реализирана во целост?; Зошто согласно најавата, на 25-ти август, во 12 часот, во Кинотеката не се одржа најавената Свечена академија на тема „Македонскиот игран филм во следната декада“?; Колку средства беа одобрени од буџетот на Владата за оваа срамна и понижувачка манифестација?; Каква беше посетеноста на филмските проекции?; Дали филмот е „независен“ кога од буџетот на државата се одделуваат милионски суми за поддршка на независните продуцентски куќи за реализација на филмски проекти?; Дали при реализацијата на манифестацијата во целост се почитуваа здравствените протоколи за заштита од КОВИД-19?
Од ВМРО-ДПМЕ додаваат дека во изминативе 30 години се создадоа повеќе независни продуцентски куќи кои имаа огромно влијание во развојот и афирмацијата на македонската кинематографија во независна Македонија. Потсетуваат дека првите филмски остварувања во независна Македонија беа реализирани од Вардар филм.
„Триесетгодишниот јубилеј на македонскиот филм во независна Македонија го опфаќа периодот од 1991 година, од „Тетовирање“ на Столе Попов, па сè до денес. Во овој триесетгодишен временски интервал твореа големи режисерски имиња кои оставија траен белег во македонската кинематографија. Некој „новофилмски бран“ намерно и неправедно ги преќути, но не можат да не натераат да ги заборавиме. Тие не се толку моќни!“, додава опозициската партија.
Текстот „Манифестација со филмови од само една продукциска куќа, тоа е скандалозно“, вели опозицијата за јубијелот 30-години македонски филм е превземен од МАКФАКС.