Утрински Весник
Култура

Дванаесето издание на „Анимакс“

Дванаесето издание на „Анимакс“

Под мотото „Каде бајките оживуваат“ ќе се одржи дванаесеттото издание на меѓународниот фестивал за анимирани филмови во С.Македонија, Анимакс Скопје Фест. На него ќе бидат прикажани 25 анимирани филмови во официјалната програма и 9 анимирани филмови наменети за детската публика. Настанот ќе се одржува од 24 до 25 декември (петок и сабота) во Кинотека на Македонија. Влезот е бесплатен.

Филмовите во официјална селекција се избрани од пријавениот рекорден број анимации, над 1 800 меѓу кои најголем број од: Франција, Англија, Германија, Шпанија, Русија, Бразил и други.

Овогодинешната жири комисија ја сочинуваат: м-р Мими Ѓоргоска, д-р Лазе Трипков и Илчо Симовски.

Голем дел од филмовите кои се борат за Златната, Сребрена и Бронзена Тула се носители на престижни награди и победници на филмски фестивали од А категорија.

Официјалната програма на фестивалот со прикажување на филмовите ќе почнува во 20.00 часот Проекцијата на филмови за деца ќе се одржи на 25 декември (сабота) со почеток во 17.00 часот. Младата публика ќе има можност да гласа за најдобриот филм за деца и да го одбере победникот. Проекциите за деца се исто така бесплатни.

„ Мудрите луѓе велат: – Колку е поголемо делото – толку се поголеми искушенијата. Овој период, на планетарно ниво повикува на преиспитување, на донесување одлука. Нихилизмот се чини дека е ново-воспоставена религија, но вистинскиот автор секогаш е смел во потрагата по единствената вистина. Други автори пак ја сликаат стварноста без да очекуваат иманентен одговор; ја прикажуваат вехементноста на времето и просторот; и размислата ја оставаат на оние кои ја восприемаат нивната уметност. Накратко вака би можел да ја опишам програмата на овогодинешното издание на Анимакс Скопје Фест“. – Вели основачот и директорот на фестивалот Кузман Кузмановски.

Анимакс Скопје Фест е во организација на продуцентската куќа Аурипигмент, во соработка со филмското училиште Тинтири-Минтири од Скопје, со поддршка од Град Скопје, и во соработка со Кинотека на Македонија.

Анимакс Скопје Фест е прв фестивал на анимиран филм во Македонија. Цел на фестивалот е подигање и градење на културата во поглед на изработка на анимирани филмови за возрасни и деца, кои презентираат различни аспекти од секојдневниот живот.

Текстот Дванаесето издание на „Анимакс“ е превземен од МАКФАКС.

Можете да прочитате

Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид 

Костадиновска-Стојчевска: Со отворена соработка со УНЕСКО и заеднички активности ќе го штитиме природното и културното наследство во Охрид

19 романи избрани во првата селекција за наградата „Роман на годината“