Портпаролите на Владата, Душко Арсовски и Муамет Хоџа на денешната редовна прес-конференција информираа за заклучоците и одлуките донесени на вчерашната 106-та владина седница.
Портпаролите соопштија дека Владата утврдила како стратешки два инвестициски проекта.
„Станува збор за проектот на друштвото ЕФТ Солар за сончева електрична централа Ерџелија и проектот на друштвото Ветерен парк – Вирови за ветерна електрана Вирови кои ги исполнуваат условите од Законот за стратешки инвестиции и со овие одлуки тие се квалификуваат за вадење банкарска гаранција, која им е неопходна за целосно затворање на постапката за стратешки инвестиции утврдена со Законот“, беше соопштено на прес-конференцијата.
Портпаролите информираа и дека Владата го утврдил и текстот на предлог-законот за државна гаранција за обврските по Договорот за заем за финансирање на проектот на АД „ЕСМ“ за транзиција кон соларни фотоволтаици, кој ќе се склучи со Европската банка за обнова и развој.
„Проектот, со вкупна проценета вредност изнесува 25 милиони евра ќе има позитивен ефект врз животната средина, бидејќи со пуштање во употреба на фотонапонските електрани Осломеј 2, со моќност од 10 MW и Битола, со моќност од 20 MW, ќе се намали производството на електрична енергија од термоцентралите, со што, нема да има штетно влијание врз животната средина“, соопштија портпаролите.
Тие истакнаа дека оваа инвестиција ќе придонесе за нови вработувања, што, како што рекоа, позитивно ќе влијае врз социјалниот аспект во овие два региона, каде што е планирана изградбата на двете фотонапонски електрани.
Портпаролите информираа дека Владата ја разгледала и усвоила информацијата за усогласување на договорите и меморандумите кои ќе бидат на дневен ред на заедничката владина седница со Косово, која ќе се одржи утре.
Договорите и меморандумите се од областа на инфраструктурата, дијаспората, енергетика, економија, туризмот, безбедноста, иновациите и технолошкиот развој и други.
Владата на последната седнида донесе одлука наставата во средните училишта во Тетово и Гостивар да продолжи да се изведува онлајн, заклучно до 20 септември.
Портпаролите информираа дека Пописот се спроведува непрекинато и со силен интензитет, а заклучно до вчера во 20 часот попишани се 618.120 лица.
На новинарско прашање за владината одлука за недела како неработен ден од октомври, портпаролите истакнаа дека Предлог-законот за измени и дополнувања на Законот за работни односи со кој се предвидува денот недела да биде ден за неделен одмор сѐ уште не е ставен на дневен ред на собраниската Комисија за труд и социјална политика.
„Владата очекува дека ова законско решение наскоро ќе помине на матичната комисија, а потоа согласно собраниските процедури да се најде и пред пратениците на пленарна собраниска седница. Апелираме до сите пратеници и од власта и од опозицијата да го поддржат ова законско решение бидејќи е во интерес на граѓаните на нашата држава“, нагласија портпаролите.