Утрински Весник
Економија

Ангеловска: Финансиската поддршка 14.500 денари по вработен е за задржување на вработените, но и на платите 

Ангеловска: Финансиската поддршка 14.500 денари по вработен е за задржување на вработените, но и на платите 

Скопје, 12 април 2020 (МИА)Министерката за финансии Нина Ангеловска на денешната прес-конференција ја појасни детално мерката за финансиска поддршка од 14.500 ден по вработен, која како што рече, на фирмите кои се засегнати од корона-кризата ќе им биде ликвидносна инјекција и помош за исплата на плати.

– Мерката може да ја искористат компаниите за да ги задржат тековните плати на вработените кои одат на работа, за да ги подмират целосните или најголем дел од трошоците за исплата на плати на работниците кои поради кризата не се на работа, како и во комбинација на мерките за поддршка за исплата на минимална плата и мерката за субвенција на придонеси за поголема плата, рече Ангеловска, презентирајќи ги и деталите како да се аплицира за мерката.

Таа истакна дека има компании што се обидуваат да се справат со кризата, кои работат, но имаат 30-40-50 отсто пад на приходите и оттука, како што рече, целта со оваа поддршка е да можат да ги задржат работниците и покрај намалениот обем на работа и да можат да ги задржат платите или барем да ги задржат на пристојно ниво со оваа поддршка.

– Така тие ако исплаќаат на пример бруто плата од  30.000 денари, половина ќе може да покријат преку оваа мерка со поддршката која ќе ја искористат. Потоа има компании кои се со нула приход – еве такви се угостителите.. Кои ги земав за пример при појаснување. Тие поради виша сила ги пуштиле работниците дома со 50 отсто плата.. кај нив нето платата изнесува 18.000 до 20.000 ден. Во случај ако тие сега исплаќаат 9.000 ден или 10.000 денари на работниците, со оваа мерка тие ќе ја покријат целата бруто плата ако е нето 9.000 ден, или ако е нето 10.000 ден. ќе треба да покријат тие околу 1.000 денари дополнително. Но што е важно да имаме предвид – оваа мерка може да се комбинира со мерката за „субвенции на придонеси при покачени плати“ – која ја користат 26.000 компании за околу 140.000 вработени, рече Ангеловска.

Министерката посочи дека работниците преку оваа мерка добиваат извесност дека ќе го задржат работното место и по завршувањето на кризата.

Да, можеби ќе добива надоместок понизок од вообичаениот, зависно во кој сектор работи, зависно од можностите на работодавачот, но од друга страна трошоците му се намалени, голем дел од работниците се дома – не одат на работа или одат со скратено работно време, дел кои имаат кредити нема да ги плаќаат овој период, а кога кризата ќе помине ќе може да се вратат на работното место и да продолжат да заработуваат, рече Ангеловска.

Министерката рече дека мерката е наменетa за секоја фирма која има намалување на приходите од најмалку 30 отсто во април и мај во однос месечниот просек од 2019 или во однос на месечниот просек од основање на компанијата – за регистрираните компании после март 2019 или во однос на сезонскиот просек од последните четири месеци спореден со сезонскиот просек од претходната година – за фирми од специфични сезонски дејности. Понатаму фирмите не требаат да исплаќаат дивиденди, бонуси, годишни награди, награди за деловна успешност за времетраење на мерката и просекот на највисоките нето-плати на 10 отсто од вработените да не надминува 120.000 денари по вработен.

Ангеловска истакна дека мерката може да се користи за сите работници освен за вработените со плата над 39.900 денари, за оние за кои се користи ослободување од плаќање придонеси од проектот „Македонија вработува“ и доколку работодавецот ја користи мерката од првиот сет на економски мерки за субвенционирање на 50 отсто од придонесите, која е алтернатива на оваа мерка.

Тука ќе напоменам дека во јавноста имаше дилеми кои сакам да ги разјаснам, а исто така направивме и прилагодување на мерката за да има поголем опфат, односно, за мерката може да аплицираат фирми за работници за кои ја користат мерката за субвенција на придонеси за покачување на плата од 600 до 6.000 денари. Понатаму мерката може да ја користат и управители и сопственици на микро и мали претпријатија вработени во нив и дека мерката можат да ја користат без оглeд на искажаниот финансиски резултат за претходната година, рече Ангеловска.

Во однос на начинот за аплицирање Ангеловска рече дека истиот е едноставен и лесен и нема потреба од ангажирање на консултанти и обемни процедури.

Прво, се пополнува барање за исполнетост на условите до 5-ти во месецот за претходниот месец преку системот е-даноци. Во рок од 3 дена УЈП ја потврдува комплетноста на барањето. Понатаму, следи пополнување на МПИН образецот во полето 3.23 се  внесува шифра 619 (ако се користи само оваа мерка) или шифра 621 (ако се користи во исто време и мерката за субвенционирање на придонесите за покачување на платите). До 13-ти во месецот работодавачот на својата трансакциска сметка добива исплата на финансиската поддршкаДо 15-ти во месецот треба да се исплати платата за претходниот месец,  рече Ангеловска.

Ангеловска посочи дека работодавачот кој ја користи мерката треба да го задржи истиот број на вработени до јули 2020 (сметано во однос на месецот за кој добил финансиска поддршка), што е олабавување на условот со измена на уредбата од четири на два месеци. Во врска со искористените средства, работодавачот кој ја користи мерката, ако не оствари добивка за 2020, не ги враќа средствата земени преку мерката на државата. За останатите работодавачи враќањето е лимититирано до износ од 50 отсто од добивката пред оданочување зголемена за оданочивите расходи.

Со ваквиот лимит, и извесноста на очекуваните финансиски резултати, за голем дел од компаниите ова ќе биде непроватна финансиска поддршка во целост или во одреден дел. Дополнително, во преговори сме со Светска банка за поддршка на оваа мерка односно финансисрање на половина од предвидениот износ за мерката со заем преку СБ. Ова би значело и техничка поддршка од СБ за реализација на мерката. При овие преговори разгледуваме и евенутална можност за олабавување на механизмот за враќање на средствата од страна на компаниите кои ќе остварат добивка по кризата, со воведување на одредени критериуми. Набргу ќе имаме конкретни резултати и ќе известиме и за ова, рече Ангеловска.

Таа посочи дека за сите информации за мерката стои на располагање кол-центарот на Владата, како и Министерството за финансии и УЈП. нд/сп/

Извор: mia.mk

Можете да прочитате

НБ предвидува раст од 2,6 отсто годинава и 3,6 отсто во 2025

Азески: Изборите завршија, враќање на редовните колосеци – веднаш и сега 

Кренар Лога: Заклетвата на Сиљановска е ништовна, или да се повтори постапката или функцијата да ја преземе Јован Митревски