По одлуката на австриската влада да ја реактивира последната електрана на јаглен во земјата поради намалувањето на испораките на руски гас, во централата Мелах започнаа подготовките.
Кристоф Курцман-Фридл, кој во енергетскиот концерн „Фербунд“ е одговорен за електраната Мелах, вели дека за рестартирање на опремата во централата потребни се меѓу два и четири месеци.
Тој во интервју за весникот „Кронен цајтунг“ вели дека е неопходно да се набави јаглен, а не се знае колку е можно да се купи на светските пазари.
Појасни дека е потребен посебен вид јаглен, кој електраната, која работеше 34 години, а беше затворена во 2020 година, го набавувала од Германија, од каде што не се можни краткорочни испораки, па затоа е потребно да се бара на меѓународните пазари.
Тој посочи дека следно прашање што мора да се реши е да се утврди колку луѓе се потребни за работа во електраната.
Запрашан колку била исправна одлуката за затворање на централата во 2020 година, тој рече дека одлуката за заштита на животната средина е разбирлива, но сега е јасно дека е добро што уште ништо не е драстично сменето во електраната, па може повторно да проработи.
Електраната Мелах користела 400.000 тони јаглен во годините на нормална работа, а нејзината моќност е 240 мегавати.
Мелах е единствената електрана на јаглен во Австрија која може повторно да се активира, бидејќи беше затворена пред само две години.