Утрински Весник
Македонија

ЗНМ го осудува непрофесионалното и недолично однесување на пратеникот Ковачки од ВМРО-ДПМНЕ

12222.jpg

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) го осудува непрофесионалното и недолично однесување на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Драган Ковачки, кој денеска ја попречувал новинарката од онлајн медиумот СакамДаКажам.мк, Соња Делевска, додека ја вршела нејзината професионална работа во Собранието.

Новинарката Делевска, како што известува во дописот до ЗНМ, ја извршувала својата професионална должност и поставувала легитимни прашања до директорот на Агенцијата за национална безбедност, Бојан Христовски. Додека Христовски одговарал на прашањата на Делевска, во врска со неговиот сертификат за англиски јазик, пратеникот Ковачки и се обратил со зборовите: „исклучи го микрофончето, снимаш“ и воедно покажувал на нејзиниот телефон. Делевска го понудила својот телефон на пратеникот, по што тој одбил да го земе и го повикал Христовски да си замине.

Ги повикуваме сите политички претставници да покажат соодветно ниво на почит и конструктивен однос кон медиумите и нивните претставници, да одговараат редовно на нивните прашања, и да се воздржат од какви било форми на притисок и клевети.

Потсетуваме дека слободата на медиумите и правото на новинарите да поставуваат прашања се основни принципи на демократското општество. Секој обид за попречување, заплашување или дискредитација на новинарите претставува директен напад врз слободата на изразување и транспарентноста на институциите.

ЗНМ ќе продолжи будно да ја следи состојбата со правата на медиумските работници и да се залага за заштита на професионалните новинарски стандарди.

Можете да прочитате

Претставници на Венецијанската комисија се во Скопје за Законот за правична и соодветна застапеност

Авионот на Бујар Османи во 2023 година останал без ГПС над Бугарија, исто како летот на Урсула фон дер Лајен

Зошто власта бега од декласификација на „прислушуваните“?