
Пациентки кои денеска требало да ја примат терапијата со лекот Phesgo на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија се соочиле со одложување поради ненавремена испорака на лекот.

Од Клиниката попладнево излегоа со официјално соопштение во кое упатија извинување до сите засегнати пациентки, признавајќи дека ситуацијата предизвикала загриженост, неизвесност и непријатности.
„Искрено се извинуваме на сите пациенти кои денес требаше да ја примат терапијата Phesgo, а поради ненавремената испорака на лекот се соочија со одложување“, се наведува во соопштението.
Од здравствената установа нагласуваат дека се свесни за значењето на навременото и континуирано примање на онколошката терапија, особено кај пациентите кај кои редовноста на лекувањето е од исклучителна важност.
Како причина за настанатиот проблем, од Клиниката ги посочуваат тешкотиите во дистрибуцијата и испораката на лекот, нагласувајќи дека станува збор за околности кои не се под нивна директна контрола.
„Сакаме да појасниме дека одложувањето е резултат на проблеми во дистрибуцијата и испораката на лекот, кои се надвор од директната контрола на Клиниката“, соопштија од Онкологија.
Од Клиниката уверуваат дека се преземаат сите мерки во рамките на нивните надлежности за лекот да биде обезбеден и пациентките да ја добијат потребната терапија во најкраток можен рок.
„Уште еднаш искрено се извинуваме и Ве уверуваме дека преземаме сè што е во наша надлежност за терапијата да биде обезбедена и пациентките да ја примат во најкус можен рок“, додаваат од Клиниката.
Во соопштението не се прецизира колку пациентки се засегнати од одложувањето, кога се очекува да пристигне лекот и кога ќе продолжи неговата редовна примена.
Лекот Phesgo се користи во третманот на одредени форми на HER2-позитивен карцином на дојка.

Од Клиниката им се заблагодарија на пациентките за трпението, разбирањето и довербата.


