Утрински Весник
Македонија

Жан Митрев обвинет за измама тешка 1,6 милиони евра, довел во заблуда 283 пациенти

Mitrev Zan

Основното скопско обвинителство поднесе обвинение против Д-р Жан Митрев и против истоимената приватна клиника чиј прв човек е обвинетиот, потврдиja на брифинг со новинарите oсновниот јавен обвинител на ОЈО Скопје Гаврил Бубевски и надлежниот јавен обвинител во предметот Искра Хаџи Василева.

Митрев се товари за кривично дело измама за кое е предвидена затворска казна до 10 години.

-Митрев имал намера да ги доведе во заблуда, бидејќи е човек кој што има авторитет и со тоа се стекнал со имотно правна корист. 283 луѓе се јавија и се приклучија кон постапката. Меѓу оштетените има и косовски државјани. Имаше и голем број на луѓе кои не знаеа дали сакаат да учествуваат во постапката. Сигурна сум дека ќе има луѓе кои што се оштетени и ќе се приклучат на постапката,изјави Хаџи Василева.

Осомничениот, во периодот од април 2020 година до 2022 година, со намера за правно лице – приватна здравствена установа да прибави противправна имотна корист, со лажно прикажување факти, ги довел во заблуда пациентите лекувани од КОВИД 19 со методот на хемофилтрација.

Според ОЈО, Митрев на овој начин се здобил со имотно правна корист од 97.461.600 денари, односно само од хемофилтрацијата, без други услуги во Клиниката.

-Ќе се докажувам на суд ако треба сто години. Никого не сум измамил, ниту сум имал намера и мисла, сѐ што правам е од срце за овој народ, рече Митрев во вчерашната „Топ тема“ на ТВ „Телма“.

Тој вели дека не може да ги објасни мотивите зошто некој „ги изманипулирал луѓето“ преку документарниот филм на ИРЛ „Нечиста крв“. Се сомнева на некои од вработените, за кои тврди дека веќе се вработиле во конкурентски болници и изнесувале неточни информации со цел да му наштетат на неговиот личен и на угледот на клиниката.

Според доктор Митрев, хемофилтрацијата е релативно стара метода и вели дека не се употребува на лекување на КОВИД и други инфективни болести, туку е процедура.

“Тоа е слично на хемодијализа. Од самото основање ја користиме хемофилтрација, а овој нов начин е 2008ма, а новиот филтер е од 2013 што вади некои имунолошки активности. Пациент кога ќе западне во форма на болеста каде откажуваат бубрезите и срцето се оптеретува, ако не го ставите на таква процедура, пациентот секако ќе почине. Ние не лекувавме КОВИД, туку состојба предизвикана од вирусот”, вели тој.

Во однос на цената на лекување во Клиничката болница Жан Митрев, тој истакнува дека на ниту еден од пациентите не му било наплатено од почетокот, туку станува збор за депозит којшто се уплаќал при прием на пациентот, а по завршување на лекувањето неискористените средства биле вратени на пациентите.

Во продолжение интегрално сооопштението од ОЈО Скопје за поднесеното обвинение:

„По спроведена претходна постапка, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје денеска до Основниот кривичен суд Скопје поднесе – Обвинителен акт против едно физичко лице и Обвинителен предлог против правно лице кои се товарат за продолжено кривично дело – Измама од член 247 од Кривичниот законик.

Во текот на постапката првично оформена по допрен глас, јавниот обвинител обезбеди докази за поткрепа на основаните сомненија дека обвинетиот, во периодот од јуни 2020 година до јуни 2022 година, со намера за правното лице – приватна здравствена установа да прибави значителна противправна имотна корист, со прикривање факти ги довел во заблуда оштетените пациенти лекувани во болницата од Covid – 19 кај кои е извршена хемофилтрација и членови на нивните семејства, со што ги навел секој од нив да стори штета на својот имот во различни износи, а во вкупен износ од 97.461.600 денари.

Обвинетиот на пациентите и во јавноста прикажувал дека методот хемофилтрација е одобрен да се применува и е ефикасен за лекување од Covid – 19, притоа користејќи ги приликите на здравствената криза предизвикана од пандемијата.

Тој се повикувал на документ издаден од Американската управа за храна и лекови во април 2020 година, со кој на компанијата „Бакстер“ и било издадено овластување за вонредна употреба на Оксирис сетот (Oxiris Set Device), како медицинско средство со кое се спроведува постапката за хемофилтрација кај пациенти со потврден коронавирус, на возраст од 18 години или повеќе кои се на интезивна нега со потврдена или итна респираторна слабост и потреба за прочистување на крвта. Меѓутоа, можноста за употреба на методот кај пациенти заболени од Covid – 19 тој не смеел да ја промовира, истовремено прикривајќи го фактот дека методот не е одобрен во третманот на оваа болест, ниту од издавачот, ниту во нашата земја, како и дека овластувањето за медицинското средство е издадено само во вонредна постапка поради пандемијата, со дефинирани критериуми и опсег на примена. Исто така, покрај потенцијалниот бенефит, третманот имал и сериозни потенцијални ризици за кои пациентот морал да биде запознаен, па средството не смеело да се прикажува како безбедно или ефикасно во третманот или превенцијата од Covid – 19.

На овој начин обвинетиот кај секој од оштетените создал лажна претстава и заблуда, па најголем дел од нив при приемот на конкретен пациент во болницата, однапред уплаќале средства за по два циклуси на хемофилтрација како дел од болнички пакети, без да им биде објаснет овoj метод и потенцијалните ризици од него и без да се прибави соодветна согласност за примената на таква процедура кај пациентите, што е спротивно на условите утврдени во овластувањето и на здравствените прописи и стандарди.​

Можете да прочитате

Ковачевски: Со ВМРО ДПМНЕ повторно ќе заглавиме во изолација

ДКСК препорача АСЈО да ја стави во мирување постапката за прием на 130 слушатели

Маричиќ: Важна промена, државните енергетски компании ќе станат сопственост на граѓаните