Утрински Весник
Економија

Засега нема подоцна да се оди во пензија, системот е стабилен, уверува Мицкоски

85791b79 73fd b3b1 65dc cb13a24bb681.jpg

Владата засега не планира зголемување на старосната граница за пензионирање, ниту на придонесите за пензиско осигурување, изјави премиерот Христијан Мицкоски. Тој уверува дека пензискиот систем е стабилен и дека пензионерите немаат причина за загриженост.

Изјавата доаѓа во контекст на дискусиите за одржливоста на пензискиот систем и забелешките на Фискалниот совет дека линеарното зголемување на пензиите создало дополнителен дефицит во Фондот за пензиско и инвалидско осигурување.


Одговарајќи на критиките, Мицкоски оцени дека секоја политичка одлука има позитивни и негативни страни, но дека придобивките од зголемувањето на пензиите биле поголеми. Според него, Владата ги разгледува препораките и анализите, а конечните одлуки ги носи врз основа на сопствената процена.

Премиерот посочи дека финансиската стабилност треба да се обезбедува преку откривање злоупотреби и пренасочување на средствата кон реалните потреби на граѓаните. Како пример ги наведе реформите во социјалната заштита, каде што, според него, биле утврдени сериозни неправилности.

Мицкоски изнесе забелешки и за начинот на кој во минатото бил поставен вториот задолжителен пензиски столб. Тој смета дека не биле доволно предвидени долгорочните последици со кои државата се соочува денес, но нагласи дека системот и покрај предизвиците останува ликвиден.

Според постојните услови, право на старосна пензија се стекнува со наполнети 64 години за мажи, односно 62 години за жени, и најмалку 15 години пензиски стаж.

Можете да прочитате

СДСМ: ПИОМ е пред колапс, дупката расте поради арамиите- поголеми придонеси не се решeние

Србија и Македонија ги продлабочуваат туристичките и деловните врски во пресрет на EXPO 2027 Belgrade 

Економските експерти на ЛДП: Дупката во буџетот е резултат на неспособност и аматеризам, а не на нафтената криза!