Утрински Весник
Македонија

Нови правила за боледување: Помалку испитувања и електронско упатување до комисија

Lekari doktri operacija.jpg

Управниот одбор на Фондот за здравствено осигурување едногласно ги усвои измените на Правилникот за утврдување привремена спреченост за работа. Тие предвидуваат поедноставни постапки за пациентите и матичните лекари, како и промена на периодот по кој се применуваат медицинските критериуми за продолжување на боледувањето.

Од Фондот појаснуваат дека правото на боледување не се скратува. Матичниот лекар и натаму ќе одлучува за боледување до 15 дена, додека за подолг период надлежна останува лекарската комисија.


Промената од седум на пет дена се однесува на моментот од кој за продолжување на боледувањето се применуваат критериумите за конкретната дијагноза. Тоа не значи дека пациентот мора да се врати на работа по петтиот ден.

Меѓу олеснувањата е укинувањето на задолжителните лабораториски испитувања за дел од дијагнозите, кај кои проценката ќе ја прави матичниот лекар. За одредени дијагнози се проширува и временската рамка предвидена со критериумите.

По 15-тиот ден, матичните лекари ќе го доставуваат предлогот за продолжување на боледувањето електронски, наместо преку досегашната рачна постапка.

Се прошируваат и можностите боледувањето да се утврди без физичко присуство на осигуреникот. Ова особено се однесува на тешко болни, неподвижни и тешко подвижни пациенти, лица на болничко лекување и други оправдани случаи.

Кај хроничните заболувања ќе може да се користат постојните дијагностички наоди, доколку се во предвидениот рок на важност. Со тоа треба да се избегне непотребното повторување на испитувањата. Дополнително се прецизираат условите за ретроактивно утврдување боледување, меѓу другото и по завршено болничко лекување.

За бремените жени и доилките се предвидуваат олеснувања во однос на радиодијагностичките испитувања со јонизирачко зрачење, кога состојбата е потврдена со специјалистички извештај. За одредени тешки заболувања се воведуваат и исклучоци од обврската за конзилијарно мислење при боледување подолго од 60 дена.

Според Фондот, измените се резултат на повеќемесечна стручна анализа и треба да ги осовременат критериумите, од кои значаен дел потекнуваат од 2012 година, и да го намалат административниот товар за пациентите и лекарите.

Можете да прочитате

Саша Богдановиќ со нова партија, Српската демократска лига го одржува првиот изборен Конгрес

Клековски: Трансформацијата на здравството мора да се почувствува на патот на пациентот

Поднесена кривична пријава за уште две раководителки во Државна Лотарија