
Епидемиолошката состојба во Гостивар бележи значително подобрување, со континуиран пад на бројот на пациенти кои бараат медицинска помош, информира Министерството за здравство.
Во текот на вчерашниот ден, во Општата болница и во Здравствениот дом во Гостивар биле извршени вкупно 36 прегледи. Тоа е речиси двојно помалку во однос на претходниот ден, кога биле регистрирани 73 прегледи, односно намалување за 37 пациенти.
Во моментов во гостиварската болница се хоспитализирани четири пациенти.
Од почетокот на следењето на состојбата, во двете здравствени установи се извршени вкупно 4.483 први прегледи. До надлежните институции се доставени 1.014 формални пријави за заразна болест, а обработени се 706 нови епидемиолошки анкети, со што е постигната покриеност од 70 проценти.
Надлежните здравствени институции продолжуваат со засилен епидемиолошки надзор, прибирање и обработка на податоците, анкетирање на пациентите и координирано спроведување на мерките за заштита на населението.
Од Министерството оценуваат дека падот на бројот на прегледи е охрабрувачки показател, но нагласуваат дека состојбата и натаму внимателно се следи.
Истовремено, расте бројот на регистрирани случаи на западнонилска треска во земјава. Заклучно со 30 јули 2026 година, потврдени се вкупно 13 случаи.
На Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби се хоспитализирани 10 пациенти со потврдена инфекција, а тројца од нив се наоѓаат во критична здравствена состојба.
Поради актуелната епидемиолошка состојба и стручната проценка на ризикот, Министерството за здравство го задолжило Центарот за јавно здравје – Скопје да спроведе дополнителна терестичка, односно земјена адултицидна дезинсекција против комарци.
Вонредниот третман бил спроведен во текот на ноќта како дополнителна превентивна мерка за намалување на ризикот од ширење на инфекцијата.
Министерството за здравство, Институтот за јавно здравје, центрите за јавно здравје и здравствените установи остануваат во постојана координација и најавуваат навремено информирање на јавноста за новите сознанија и преземените активности.


