Утрински Весник
Свет

За две децении 10-те „нови членки“ на ЕУ го удвоија својот БДП  

20240515224349 Big 730x400 61.webp.webp

Десетте земји кои станаа членки на ЕУ пред 20 години изминативе две децении се развиваа многу побрзо од просекот на Унијата и успеаја речиси двојно да го зголемат својот БДП по глава на жител, покажуваат податоците на Европската комисија. 

Овие десет земји – Естонија, Кипар, Летонија, Литванија, Малта, Полска, Словачка, Словенија, Унгарија и Чешка – забележаа раст на куповната моќ изразена во БДП по глава на жител од 51 отсто од просекот на 14-те „стари членки“ во 2004-та, на 79 проценти во 2023 година, соопшти еврокомесарот за економија Паоло Џетилони презентирајќи ги пролетните економски перспективи на Унијата за 2024 и 2025 година. 

– Врз основа на нашите 10-годишни проекции, овие 10 земји членки треба дополнително да го намалат јазот во приходите со „старите“ членки во следната деценија. Во 2033 година, нивните просечни нивоа на приход треба да се искачат на 92 отсто од оние на ЕУ14, изјави Џентилони, додавајќи дека ваквите податоци се многу добра вест за земјите од Западниот Балкан, како и за Грузија, Молдавија и Украина, кои „работат на пристапување кон ЕУ“. 

Во однос на економските предвидувања за наредниот период на ниво на цела ЕУ, Џентилони порача дека „по тешката 2023 година“ економската активност зајакна во првото тримесечје од годинава, по што во наредните квартали се очекува „забрзување на економскиот моментум“, што ќе доведе до годишна стапка на раст на ниво на ЕУ од еден отсто во оваа и 1,6 проценти во 2025 година. 

Според него, благодарение на силниот пазар на трудот и растот на реалните плати во ЕУ, се очекува приватната потрошувачка да го поттикне економското закрепнување и да ја зајакне куповната моќ. 

– Инфлацијата дополнително се намали од почетокот на годината и треба да продолжи да се намалува, достигнувајќи ја целта на ЕЦБ во текот на 2025 година. Коефициентот на буџетскиот дефицит во ЕУ треба да продолжи да опаѓа во 2024 година, додека стапката на долгот малку ќе се зголеми во 2025 година, најави еврокомесарот за економија. 

Во првиот овогодишен квартал намалувањето на стапката на инфлација беше поголемо од очекуваното и достигна 2,6 отсто, за дополнително да падне на 2,4 проценти на крајот на април. Така, прогнозите за ЕУ се инфлацијата од ланските 6,4 да се намали на 2,7 отсто на крајот на годинава и на 2,2 проценти во декември 2025 година. На ниво на Еврозоната се очекува стапката на инфлација од ланските 5,4 отсто да се намали на 2,5 проценти следната и на 2,1 отсто на крајот на 2025 година. 

Кога станува збор за буџетскиот дефицит, по неговото значителното намалување во текот на 2022 година, тој лани порасна од 3,4 на 3,5 отсто од БДП, како последица на влошените економски услови и растот на трошоците за камати. За оваа година, според Џентилони, се предвидува буџетскиот дефицит да се намали на 3,0 отсто од БДП, а следната година за дополнителни 0,1 процентни поени на 2,9 проценти од БДП. 

По рекордното ниво на долгот од 92 отсто од БДП во 2020 година, лани тој се сведе на 83 проценти, по што се очекува да остане на исто ниво и во текот на годинава, по што би уследил негов мал раст во текот на 2025-та на 83,4 отсто од БДП, како резултат на повисоките трошоци за негово сервисирање и очекуваниот понизок номинален економски раст. 

Неодамнешното намалување на каматните стапки на глобално ниво се очекува да резултира и со олабавување на монетарната политика на ЕУ, па така почнувајќи од јуни се предвидува постепено намалување на основната камати од сегашните 4 на 3,2 отсто до крајот на годинава, за потоа да следи нејзин дополнителен пад до 2,6 проценти до крајот на 2025 година. 

Пролетната прогноза на ЕУ предвидува и глобален економски раст од ланските 3,1 отсто, на 3,2 проценти годинава, па до 3,3 отсто во 2025 година. 

Сепак, според Џентилони, и покрај очекуваните позитивни економски резултати и „подобрувањето на сликата за европската економија во следните две години“, негативните ризици и несигурноста остануваат зголемени, пред се поради војните крај „границите на ЕУ“ и на Блискиот Исток. 

Џентилони нагласи дека ескалацијата на конфликтот на Блискиот Исток предизвика нестабилност на цените на нафтата од почетокот на годината, а врз нивниот раст дополнителни влијание имаше и овогодишниот економски раст на Кина и на САД, што беа поголеми од очекуваните. 

Од друга страна, цените на гасот беа само маргинално повисоки од оние во текот на зимата и многу под нивното есенско ниво, додека цените на бензините се очекува да растат во просек на 31 евро за мегават час во 2024 и 35 евра за мегават час во 2025. 

– Како такви, цените на енергијата не се очекува да бидат силната дезинфлациска сила каква што беа во блиското минато, заклучи Џентилони. 

Можете да прочитате

Над 150 загинати во поплавите во Шпанија но опасноста не е завршена

Младите Американци допишуваат познати личности на гласачките ливчиња

Северна Кореја и испрати на Русија повеќе од илјада проектили, тврди јужнокорејскиот мнистер за одбрана