Утрински Весник
Македонија

За 35 отсто помалку загинати во сообраќајот – „Безбеден град“ дел од мерките на МВР

Img 4659.jpeg

Во првите осум месеци од 2026 година на македонските патишта загинале 34 лица помалку во споредба со истиот период минатата година, покажуваат податоците од евиденциите на Министерството за внатрешни работи.

Од јануари до август 2025 година во сообраќајни незгоди животот го загубиле 96 лица, додека во истиот период годинава бројот на загинати е 62. Тоа претставува намалување од 35,42 проценти.


Значително е намален и вкупниот број настрадани во сообраќајот. Од 4.731 загинати и повредени лица во првите осум месеци од 2025 година, бројката годинава е намалена на 3.868. Станува збор за 863 лица помалку, односно пад од 18,24 проценти.

Намалување има и кај вкупниот број сообраќајни незгоди – од 5.485 минатата година на 4.840 годинава, што претставува пад од 11,76 проценти.

Особено изразено е намалувањето кај сообраќајните незгоди со смртни последици. Во периодот јануари–август 2025 година биле регистрирани 82 вакви незгоди, а годинава 54, односно 28 помалку или пад од 34,15 проценти.

Сообраќајните незгоди со тешки телесни повреди се намалени од 594 на 528, додека незгодите со телесни повреди од 2.291 се намалени на 1.896.

Бројот на лица кои се здобиле со телесни повреди е намален за 833 – од 3.949 на 3.116 лица. Сепак, кај тешко повредените нема подобрување. Нивниот број е благо зголемен, од 686 во првите осум месеци од 2025 на 690 во истиот период од 2026 година.

Од МВР позитивниот тренд го поврзуваат со интегрираниот пристап во сообраќајната безбедност, кој ги опфаќа системот „Безбеден град“, законските измени, засилените полициски контроли и превентивните активности.

Санкционирањето преку системот „Безбеден град“ започна на 1 февруари 2026 година. Прекршоците се детектираат автоматски, предметите се обработуваат електронски, а известувањата до граѓаните се доставуваат преку СМС и електронска пошта.

Според МВР, целта е контролата на сообраќајот да премине од повремено кон континуирано и неселективно постапување, со поголема извесност дека секој детектиран прекршок ќе биде процесиран.

Министерството најавува продолжување на проширувањето на „Безбеден град“, како и засилени контроли и дополнителни мерки за намалување на бројот на сообраќајни незгоди, повредени и загинати лица.

Можете да прочитате

ОЈО отвори истрага за нападот врз лекар во поликлиниката „Букурешт“

Две и пол години затвор за Гордана Филиповиќ за смртта на пешакот кај Мостот „Гоце Делчев“

Пет лица уапсени во Скопје за предизвикување пожари