Министерот за европски прашања, Орхан Муртезани, ‘не е изненаден од последните именувања на „црната листа“ на САД’, на која Стејт департментот, пред дваесеттина дена, ги додаде поранешниот вицепремиер Артан Груби и апелацискиот судија, Енвер Беџети за земање на мито за судските процеси на Сашо Мијалков=.
„Изгледа дека само ДУИ уште глуми дека се изненадени. Тие изгледа не ја сфатија пораката од претходното ставање на „црната листа“ на Рамиз Мерко која што беше јасно упатена порака дека коруптивното владеење или користење на власта и стратешките партнерства за лично богатење не се американски стандарди, не се европски стандарди. Меѓутоа, мислам дека ова беше една хируршка интервенција и ние како нова Влада мораме и ние да ја сфатиме пораката дека процесот на реформи и водење на држава треба да се направи согласно законите и во корист на граѓаните. Сите тие коишто досега држеа монопол на евроатланскиот процес еден по еден завршуваат на „црните американски листи“, рече Муртезани, за МИА.
Во своето соопштение, американскиот Стејт департмент посочува дека Груби и Беџети биле вмешани во значителна корупција преку примање мито за предмети поврзани со поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков.
Согласно членот 7031(в), Стејт департментот јавно ги назначува Артан Груби и Енвер Беџети за нивна вмешаност во значителна корупција преку примање мито за поткопување на судските процеси поврзани со кривичната пресуда на Сашо Мијалков, директор на Управата за безбедност на Македонија и Контраразузнавање (УБК). Мијалков беше назначен во 2022 година за значителна корупција според член 7031(в), а ОФАЦ го санкционираше според Е.О. 14033. Како дел од оваа акција се назначени и членовите на потесното семејство на Груби“.