Утрински Весник
Балкан

Во Атина уапсени двајца членови на меѓународната криминална група „Пинк Пантери“

Picture 1204 660x500 1.jpg

 Двајца странски државјани, членови на меѓународната криминална група „Пинк Пантери“ биле уапсени во Атина, а се товарат за две кражби на златарници во центарот на градот, јави дописничката на МИА од Атина. Лицата се на возраст од 50 до 53 години. Пленот кој бил однесен во кражбите се проценува на над 300 илјади евра.

Неофицијално станува збор за српски државјани, а за кражбите го користеле методот „рифифи“, односно во златарниците и продавниците за накит влегувале по направени дупки од соседни напуштени или празни згради или простори.

Од грчката полиција соопштија дека уапсените биле активни најмалку од декември минатата година, користеле фалсификувани документи, а се движеле со возила со странски регистарски таблички или во сопственост на лица со чисто криминално досие, за да не бидат откриени.

Во однос на начинот на дејствување откако ги таргетирале продавниците, ги набљудувале, по што подготвувале соодветен план и се движеле пеш за да не бидат сомнителни.

Откако успевале да добијат пристап до напуштените или празни згради-лепенки до златарниците, отворале дупка на ѕидот што води до продавницата.

Еден од уапсените влегувал преку дупката со лазење за да не се активираат детекторите за движење и со украдениот накит се враќал во соседниот простор.

 Од досегашната истрага на полицијата, расчистени се две случаи на кражби во златарници во центарот на Атина, а продолжува истрагата за утврдување на целосниот обем на нивната криминална активност.

По извршениот претрес на уапсените меѓу другото, биле пронајдени и одземени алатки за кражби, три часовници, накит, 190 евра, фалсификувана возачка дозвола, три мобилни телефони.

Можете да прочитате

Рама откако ЕУ одобри шест милијарди евра за Балканот: Историски момент, кој внесува нов импулс во процесот на проширување

Пронајдено телото и на жената која со децата скокна во реката Бојана во Скадар

Објавена листата на најзагадени градови во Европа во 2023: Два македонски града се во топ 10