Димитар Ковачевски не се секира за економијата и стандардот на граѓаните, ама затоа бизнисот на неговата сопруга цвета. Целосен молк од Ковачевски за скандалот со купувањето на земјиште од 1.119 м2 од страна на неговата сопруга за багателна цена од 70 денари за м2, се вели во соопштението до ВМРО-ДПМНЕ.
– Целата зделка за која 1.119 м2 се продаваат за скоро 1.300 евра, оди преку Владата на ДУИ и СДС со потпис токму на Артан Груби. Еден ден Ковачевски аминува и потпишува, Груби краде и се богати. Другиот ден Груби аминува и потпишува, Ковачевски си го шири фамилијарниот бизнис и добива државно земјиште за багателна цена. А, економијата во државата секој ден тоне се повеќе, а граѓаните не знаат како да го поминат месецот. Потписот од страна на Груби за земјиштето кое ќе го добие сопругата на Ковачевски, е наградата за Димитар Ковачевски за јавната одбрана за криминалот со надзорот на автопатиштата кој го направија ДУИ и Артан Груби, велат од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму ова го оценуваат како „еклатантен пример како се пљачкаат граѓаните и државата. Додека граѓаните со месеци и години чекаат за легализација на имот или пак пренамена на земјиште, криминалците на власт за побрзо и енормно да се збогатат тоа го прават за еден ден“.
Од ВМРО-ДПМНЕ ја повикуваат ДСКС дека не треба да премижи на овој еклатантен пример за судир на интереси кај фамилијата Ковачевски.