Утрински Весник
Македонија

(Видео) Арсовска се жали дека плаќа туѓи долгови: 2,3 милиона евра Градот ќе плати отштета на Комерцијална, 2 милиона на „Скопски саем“, милион за галиите

(Видео) Арсовска се жали дека плаќа туѓи долгови: 2,3 милиона евра Градот ќе плати отштета на Комерцијална, 2 милиона на „Скопски саем“, милион за галиите

Од Град Скопје се побаруваат над 10 милиони евра за отштети по судски спорови и камати за нив за проекти што се реализирале во мандатите на градоначалниците пред Данела Арсовска. Таа денес уверуваше дека Град Скопје во последните 18 месеци е во добра финансиска состојба и покрај блокирањето на сметката и на советниците им кажа кој сè го тужи Градот и чека отштета.

dobivaj vesti na viber

„Дали знаете кои сè спорови ги има Град Скопје до овој момент и зошто? Еве јас ќе ѝ презентирам дел на јавноста за да знаат што е она што се случувало во изминатите години. Комерцијална банка АД Скопје, тужен Град Скопје – 1.171.900 евра, без камата и судски трошоци. Наплатена бесправна банкарска гаранција. Поведен спор. Основниот долг зголемен со затезна камата ќе изнесува 2.335.000 евра, што значи дека на овие 1.171.900 евра имате уште толку судски трошоци и камати од Комерцијална банка за спор што е поведен од 8.11.2017 година, кој се водел до 2023 година и кој е во своето финале. Значи, Градот ќе биде оштетен по основ на камати и судски трошоци за над 1 милион евра само по основ на овој спор“, рече Арсовска.

Спор против Градот повело и Друштвото за градежништво „Интернационал“ на 7.2.2019 година. Арсовска рече дека тие побаруваат 176 милиони денари, односно речиси 3 милиони евра, на кои треба да се додадат судските трошоци и каматите.

Арсовска објасни и за долгот кон „Скопски саем“.

„’Скопски саем’, вредност 110 милиони денари, тоа е неполни речиси 2 милиона евра. Исплатени се средствата во Градот на 19.12.2007 година. Издадено им е одобрение за градење на 31.1.2008 година, поништено им е во меѓувреме и станува сопственост на 19 септември на Друштвото за недвижен имот ‘Ист гејт’. Поведена е тужба, таа сега беше доставена во Град Скопје за наплата. Покрај овие основни средства од речиси 2 милиона евра, кои беа побарувани, Градот беше задолжен да плати по основ на камати и 480.000 евра“, рече градоначалничката Арсовска.

Арсовска од советниците на ВМРО-ДПМНЕ побара објаснување зошто досега не поднеле кривични пријави за каматите.

„Сакам да ве прашам, затоа што имаме советници од ВМРО-ДПМНЕ што одржаа драматична прес-конференција дека за камати ќе пуштале кривични пријави, дали поднесовте кривична пријава за овие камати? Дали поднесовте кривична пријава бидејќи на прес-конференција рековте дека ќе поднесете доколку во одреден спор Градот плати 1 евро камата по основ на она што се случуваше со приватните превозници. Еве тука имате правосилно решение за 480.000 евра камати. Ако не е, ме интересира кога ќе ја поднесете?“, праша градоначалничката Арсовска.

На листата со долгови што треба да ги исплати Градот е и Друштвото за транспорт „Гренадар“ со 253 милиони денари и судска постапка со тужба од 16.1.2020 година. Арсовска очекува дека и во овој спор сумите за камати ќе бидат милионски, а кои Градот ќе треба да ги плаќа.

Побарување од нешто повеќе од еден милион евра од Градот има и за галиите за тужба од 2020 година, во која се бара надомест на штета од 68 милиони денари.

„Да не ги набројувам понатаму затоа што има доста и мора да кажам дека сумите што се побаруваат се милионски, но исто така милионски се и каматите што Градот треба да ги плати. Така што, Градот во овие изминати 18 месеци е во добра финансиска состојба, финансиски е консолидиран, кредитниот рејтинг ни е задржан со позитивен изглед и имаме драстично зголемување на можноста за кредитно задолжување од 1,2 милион евра во ноември 2021 година за сега да имаме меѓу 25 и 30 можности за кредитно задолжување“, рече градоначалничката Арсовска.

Извештајот за финансиската состојба на Градот и јавните претпријатија е прва точка на дневниот ред на денешната седница на Советот на Град Скопје.

Можете да прочитате

Затруен од наркотици пронајден во бессознание во двор во Кавадарци

Лукаревска: Од целосно заборавени, домашните претпријатија  ги поддржавме со 100 милиони евра, ќе ја дуплираме поддршката

Бојмацалиев: 508 кандидати за полициски службеници, ги подобруваме условите за обука со целосна реконструкција на Центар за обука во Идризово