Утрински Весник
Економија

(Видео) Антовски: На криминалите во РЕК „Битола“ им нема крај

(Видео) Антовски: На криминалите во РЕК „Битола“ им нема крај

На скандалите и криминалите во РЕК „Битола“ никако да им дојде крајот. По нашето обелоденување на криминалниот тендер за ископ на јаглен додека невешто се трудат да ги оправдаат своите афери, ги повикуваме да објаснат како ги поделиле 7-те милиони евра повеќе, изјави на денешната прес-конференција Стевче Антовски од ВМРО-ДПМНЕ.

dobivaj vesti na viber

Тој наведе дека РЕК „Битола“ склучува коруптивен договор во висина од 20.000.000 евра на тендерот со еден понудувач, „Марковски компани“, а само за споредба, кога имало конкуренција за истата намена во 2021 година, РЕК „Битола“ платил 13.000.000 евра, што е за 7.000.000 евра помалку.

Бројките се немилосрдни. Кога имало конкуренција, цените биле далеку пониски. Еве, на пример, во минатото кога имало негативно наддавање за тендер, цената на јагленот по GJ (гига-џул) достигнувала 99 денари/GJ (единечна цена во која се наплаќа донесениот јаглен во сооднос квалитет и количина). Напротив, кога немало наддавање во 2021 година, цената била неверојатни 130 денари на тендерот што го договориле во четири очи со фирмата што ја фаворизираат. За истата услуга во 2022 година, цената достигнала до 153 денари со ДДВ, повторно на тендер што е договорен во четири очи!

Ете затоа тендерите стануваат сè поскапи, а РЕК „Битола“ тоне сè повеќе, рече Антовски.

Антовски додаде дека лакомоста на раководството на РЕК „Битола“ не завршува тука. Криминалот е многу поголем при реализација на овие тендери кога истиот камион неколкупати поминува на вага со товарениот материјал, без да го истовари на депониите за јаглен, т.е. истиот товар се наплаќа и фактурира неколкукратно, па оваа цена неколкукратно ја надминува цената за GJ.

Тој додаде дека договорите што ги објавуваат сведочат за тоа како преку семејната фирма на синдикалниот лидер Менде Фидановски, „Компакт МСФ“ ДООЕЛ Битола, се испумпуваат народни пари од РЕК „Битола“. Фирмата учествува на тендер во РЕК „Битола“ и го добива тендерот. За тоа сведочат договорите од 21.6.2022 година и од 26.8.2022 година. Разликата од оние договори од 2020 година е што тогаш тие се потпишувани од сопругата на Менде, а во 2022 година од синот бидејќи како награда сопругата на Менде веќе е вработена во РЕК „Битола“.

Антовски ги повикува истражните органи да реагираат по допрен глас за лица што ги крадат нашите и вашите пари.

Можете да прочитате

Одржана седница на Советот на Народната банка: Во вториот квартал од 2025 година стапката на противцикличниот заштитен слој на капиталот ќе остане 1,5%

Битиќи: На ВМРО-ДПМНЕ им е непријатно кога гледаат како платите растат

СДСМ најавува седумчасовен работен ден во три сектори од 2025