Утрински Весник
Економија

Вицегувернерката Митреска на Состанокот на БИС: Политиките на централната банка овозможуваат стабилизација на инфлацијата и зајакнување на отпорноста на банкарскиот систем

Bis.jpg

Мерките за справување со инфлацијата, коишто ги презема Народната банка, истовремено придонесоа и за дополнително јакнење на отпорноста на банкарскиот сектор, посочи вицегувернерката Ана Митреска, во дискусијата на 23. состанок на Банката за меѓународни порамнувања (БИС) за монетарната политика во Централна и Источна Европа.

Народната банка презема повеќе мерки за стабилизирање на инфлацијата. Покрај промената на основната камата, централната банка делуваше и преку операции на девизниот пазар, промени кај инструментот задолжителна резерва и преку макропрудентните мерки. „Макропрудентните мерки во основа беа користени за да се зголеми отпорноста на банкарскиот систем, но исто така претставуваа и поддршка на затегнувањето на монетарната политика во борбата против инфлацијата. Во неколку наврати беше зголемен контрацикличниот заштитен слој на капиталот на банките и беа воведени макропрудентни инструменти за квалитетот на кредитната побарувачка од физичките лица. Податоците покажуваат дека многу земји применија макропрудентни мерки, не само за задржување на финансиската стабилност, туку и за поддршка на монетарната политика. Во Европа, на пример, од почетокот на 2020 година досега, контрацикличниот заштитен слој на капиталот е зголемен од 0,25 п.п. до 2,5 п.п.”, посочи вицегувернерката Митреска.

Примената на комбинација на различни мерки за борба против инфлацијата беше значајно за задржување на финансиската стабилност. Историските податоци покажуваат дека при епизоди на раст на каматните стапки, можна е појава на ризици за финансиската стабилност. „Сепак, сегашниот циклус на монетарно затегнување беше придружен и со низа макропрудентни мерки, преку коишто се спречува појава на финансиски стрес”, посочува вицегувернерката Митреска. Притоа, таа истакна дека резултатите од стрес-тестовите за ефектите од зголемувањето на каматните стапки врз портфолиото на домашниот банкарски сектор покажале дека банките се добро подготвени за да ги надминат евентуалните предизвици, како и дека досега нема остварување на ризиците. Сепак, посочува дека поради постојана неизвесност, и централните банки, и банкарскиот систем во целина треба да се внимателни и подготвени за соодветна реакција во случај на нови шокови. 

Можете да прочитате

Величковски: Се очекува раст на конкуренцијата на пазарот на платежни услуги

Пред пропаѓање е германскиот производител на електрични автомобили „е.ГО“

Зголемен прометот од продажбата на услугите во првото тримесечје