Владата на затворена седница го назначила Ванчо Ѓорѓиев, професор на Факулетот за историја во Скопје, за претседател на Комисијата за историски прашања со Бугарија, објави Нетпрес.
Ванчо Ѓорѓиев доаѓа на местото на Драги Ѓоргиев од кого новата Влада и ВМРО-ДПМНЕ не беа задоволни од неговата работа.
Инаку, Ѓорѓиев беше член на комисијата, но истапи од неа, како што рече тогаш, поради притисокот што го правела тогашната Впада.
Ова е новиот состав на Комисијата:
Биографија на проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев, редовен професор на Филозофскиот факултет при УКИМ – Скопје
Ванчо Ѓорѓиев е роден 1964 година во с. Ново Коњарево, Струмичко. Дипломирал (1989) на Институтот за историја при Филозофскиот факултет, Скопје, магистрирал (1995), докторирал (2002).
На Филозофскиот факултет се вработил 1992 како помлад асистент; во 2012 година е избран во звањето редовен професор. Во меѓувреме во периодот од 1996 до 2001 година како надворешен соработник изведувал настава на Воената академија „Генерал Михајло Апостолски“; 1999-2000 година бил потсекретар во Министерството за образование на Република Македонија.
Како студент на генерацијата добитник е на „Манинговата награда“ (1989). Во 2004 година ја добива наградата „Гоце Делчев“ која се доделува како „општествено признание за особено значајни остварувања од интерес за Република Македонија од областа на науката“.Носител е на повеќе благодарници, признанија и плакети од граѓански здруженија и други институции за интензивна и соработка со нив.
Бил член на повеќе организациски и издавачки одбори за одбележување на значајни јубилеи, годишнини и други научни собири; претседател на Комисијата за историја за наставни програми при Бирото за развој на образованието на Р. Македонија; член на Комисијата за доделување на државните награди „11 Октомври“, и „23 октомври“; претседател на Комисијата за матурски испити по историја при ДИЦ; член и главен уредник на списанието „Историја“; член на редакцијата на Годишниот зборник при Филозофскиот факултет; член на Мешовитата мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Р. Македонија и Р. Бугарија (2018-2021); раководител на секцијата по историја при Демирхисарската летна школа; раководител на Институтот за историја при Филозофскиот факултет во два мандати (2013-2021).
Научниот интерес на проф. д-р Ванчо Ѓорѓиев првенствено е насочен кон македонското револуционерно националноослободително движење од крајот на XIX и почетокот на XX век; македонското прашање во политиката на големите сили и балканските држави; странските пропаганди; економската и урбаната историја.
Автор е на повеќе од деведесеттина научни трудови, од кои над десеттина монографски остварувања; автор на делови од книги; автор на повеќе сценарија за документарни филмови, стручно-научни статии,како и коавтор на неколку учебници и стручни помагала за основно и средно образование.
Биографија на д-р Александар Литовски, научен соработник при Институтот за национална историја во Скопје
Александар Литовски е роден во Битола во 1967 година. Основно и средно образование заврши во родниот град. Во 1992 година, на Филозофскиот факултет во Скопје – група Историја, ја одбрани дипломска работа, во мај 2001 година ја одбрани магистерската теза, а во јануари 2007 година и докторската дисертација. Вработен е во Институтот за национална историја во Скопје, на работно место научен соработник во Одделението за нова и најнова историја.
Александар Литовски долги години работел како кустос-советник во Националната установа – Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Битола. Член е на Одделението за историско-географски науки при Македонското научно друштво од Битола. Бил член и на Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања, согласно со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија (2018-2020).
Соработува со разни весници и списанија и е член на Здружението на новинари на Македонија. Автор е дваесеттина книги, брошури, повеќе рецензии на книги, изложби со историска тематика, повеќе научни статии и прилози, како и поголем број новинарски колумни, статии и есеи.
Научниот интерес на д-р Александар Литовски е насочен кон историјата на Македонија (ДФМ, СРМ, РМ), во потесна смисла на зборот, и историјата на Балканот во текот на Втората светска војна и потоа, во поширока смисла на зборот.
Покрај објавените трудови, д-р Литовски е дел од тимот на ЈНУ Институт за национална историја кој го реализира макропроектот „Терминолошки историски речник“, а тековно е вклучен и во сите активности на ЈНУ Институт за национална историја поврзани со постдипломските и докторските студии.
Биографија на д-р Митко Панов, научен советник при Институтот за национална историја во Скопје
Митко Б. Панов е роден во 1967 година. Дипломирал (1991) и магистрирал (1995) на Институтот за историја при Филозофскиот факултет, УКИМ во Скопје. Од јули 1993 година е вработен во Институтот за национална историја. Во 1995 година ја одбранил магистерската теза во Институтот за историја. Докторската дисертација ја одбранил во 2003 година во Институтот за национална историја. Во 2010 година е избран во звањето научен советник.
Од декември 2023 е в.д. директор на Институтот за национална историја.
Во периодот 2016-2020 бил член на Сенатот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Во периодот 2013-2015 бил в.д. ректор на Универзитетот Евро-Балкан, Скопје.Претседател е на Здружението на историчарите на Република Македонија. Координатор е за меѓународна соработка помеѓу Универзитетот во Болоња и Институтот за национална историја.
Бил визитинг професор на Универзитетот во Флорида (2015), како и на Универзитетот во Глазгов (2008).
Учествувал на многубројни меѓународни конгреси, симпозиуми и конференции. Основач е, и претседател на меѓународниот организациски и научен комитет на Меѓународниот симпозиум за византиски и средновековни студии „Денови на Јустинијан I”, кој традиционално го организира Институтот за национална историја и Универзитетот во Болоња.
Бил вклучен во околу 40 меѓународни и домашни научно-истражувачки и образовни проекти. Реализирал студиски престои во Лондон, Глазгов, Виена, Софија, Рим, Ватикан, Гаинсвил, Флорида и др.
Бил уредник на повеќе од 20 меѓународни зборници и научни списанија. Учествувал како стручен редактор и автор на сценаријата во подготовката на повеќе документарни емисии.
Има објавено повеќе од 90 научни студии во книги и списанија, во најголем дел меѓународни и на англиски јазик.
Член е на научниот комитет на International Journal on Culture and Heritage at Risk, Firenze, Italy (2017 -); науредувачкиот одбор на Меѓународното списание Thracia Balkanika, Sofia (2021 – ); на редакцијата на списанието Hiperborea – Pen State Univerisity Press, Pensilvania, USA (2023- ).
Добитник е на повеќе награди и признанија, меѓу кои:
Oрден за заслуги „Витез на Ѕвездата на Италија“, доделен од Претседателот на италијанската Република во 2023 година, за посебни заслуги како еден од најистакнатите промотори на научната и културната соработка меѓу Италија и Р. Македонија.
Највисоката награда „13 Ноември“ на Град Скопје за 2022 година, за значајни остварувања во науката и иницијатор и автор на проектот „Денови на Јустинијан I”.
Биографија на проф. д-р Никола Минов, вонреден професор на Филозофскиот факултет во Скопје при УКИМ – Скопје
Никола Минов е роден во 1979 година во Скопје. Основното и средното образование ги завршил во родниот град. Дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, на Институтот за историја. Во 2011 година магистрирал, а во 2015 година докторирал на матичниот факултет/институт.
На Филозофскиот факултет се вработил во 2011 година како помлад асистент. Во 2014 година бил избран за асистент, во 2015 година бил избран за доцент, а во 2020 година е избран за вонреден професор од областите: Историја на Македонија и Историја на новиот век. На Филозофскиот факултет предава предмети поврзани со историјата на Европа и светот во периодот од 1648 до 1914 година.
Научниот интерес на проф. д-р Никола Минов е првенствено насочен кон дејноста на странските пропаганди во османлиска Македонија; политиката на Големите сили во новиот век; социјалната и културната историја на Македонија.
Автор и ко-автор е на пет монографии, на неколку делови од книги и на четириесеттина стручно-научни статии.
Никола Минов учествувал на дваесеттина меѓународни конференции во земјата и во странство, меѓу кои и научни конференции организирани од универзитетите во Оксфорд, Кембриџ, Сапиенца (Рим) и др.
Минов одржал предавања на неколку странски универзитети. Остварил студиски престој во Австриската академија на науките, како и на неколку универзитети во Полска, Хрватска, Словенија, Италија, Португалија, Кипар и Данска. Активно учествувал на седум меѓународни проекти за културно наследство, стипендирани од програмата Erasmus+, преку кои македонското културно наследство било промовирано во поголем број европски земји.
Бил член на редакциите на списанијата „Balcanica Posnaniensia”, „Историја“ и „Годишен Зборник на Филозофскиот факултет“. Потпретседател е на Здружението на историчарите на Република Македонија. Член е на Националната комисија за учебници. Претседател е на управниот одбор на Музејот на македонската борба за самостојност.
Ги зборува англискиот, италијанскиот, романскиот и јужнословенските јазици. Пасивно се служи со грчкиот јазик.
Биографија на доц. д-р Сашо Додевски, насловен доцент избран на Филозофскиот факултет во Скопје
Сашо Додевски е роден во 1973 година, во Скопје. Основно и средно образование завршил во Скопје. Дипломирал на Институтот за историја на Филозофскиот факултет на УКИМ во 1999 година. По тој повод, бил добитник на престижната награда „Љубен Лапе“ од фондот на професорот Љубен Лапе.
Магистрирал во 2004 година на Правниот факултет „Јустинијан Први“ на Институтот за меѓународно право и меѓународни односи, каде што и докторирал во 2011 година.
Вработен е во Министерството за образование и наука, каде повеќе години активно работи на промоција и популаризација на проектот: „Превод на 1000 стручни, научни книги и учебници од кои се учи на врвните, најдобрите и најреномираните универзитети во САД и Англија, а од областа на правото во Франција и Германија“.
Остварувал наставно-образовна дејност на УКИМ, на Институтот за меѓународно право и меѓународни односи на Правниот факултет во периодот 2003 – 2012 година. Од 2015 година е вклучен во наставно-образовна дејност на Институтот за Историја при Филозофски факултет. Во јануари 2023 година, бил избран во звањето насловен доцент, каде предава Светска историја на 20-тиот век и Историја на дипломатијата во 20-тиот век.
Реализиранаставно-образовна дејност и во странство преку учество во програмите за размена и мобилност CEEPUS (Central European Exchange Programme for University Studies) и Erasmus+.
Активно се занимава мултидисциплинарна научно-истражувачка работа во областите на: меѓународните односи, светска историјана 20-тиот век, историја на меѓународната дипломатијаво 20-тиот век, меѓународни мисии, меѓународни институции и организации, меѓународните аспекти на македонското прашање и на македонската држава во 20-тиот век.
Објавил трудови (книги, статии, монографии, прилози) во домашни и меѓународни публикации, списанија, зборници итн.
Ко-автор е на зборник на „Документи за Република Македонија 1990 – 2005“, Правен факултет „Јустинијан Први“, Скопје, 2008. Монографијата е дел од литературата по предметот: Историја на современата македонска држава од студиската програма по Историја на Филозофскиот факултет.
Автор е на монографијата „65 години Министерство за образование и наука на Република Македонија 1944 – 2009 година“, Министерство за образование и наука, Скопје, 2009.
Бил вклучен во работата на стручни комисии во Министерството за образование и наука и во други државни институции и организации.
Биографија на д-р Бесник Емини, виш научен соработник на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците – Скопје
Бесник Емини е роден во 1977 година во с. Челопек, Тетовско. Во 2002 година дипломирал на Филозофскиот факултет во Скопје, на Институтот за историја. Магистрирал во 2009 година на матичниот факултет на тема „Албанците за време на Источната криза и Македонија (1875-1881). Докторирал во 2015 година на Филозофскиот факултет во Скопје на тема „Албанското движење (1878-1900). До 2007 година работел како наставник по историја.
Во 2008 година бил избран за помлад асистент-истражувач при Институто за духовно и културно наследство на Албанците во Скопје. Во 2011 година бил избран во звањето асистент-истражувач во Одделот за меѓусебни културни, историски и јазични врски меѓу Албанците и Македонците со другите народи во регионот. Во 2015 година е избран во звањето Научен соработник на Институтот за духовно и културно наследство на Албанците во Одделот за меѓусебните културни, историски и јазични врски меѓу Албанците и Македонците со другите народи во регионот. Во 2020 година е избран за Виш научен соработник. Емини учествувал на повеќе домашни и меѓународни семинари, конференции и истражувања. Организирал повеќе работилници и сесии за наставници по историја. Член е на Европската асоцијација за наставници по историја (EUROCLIO), а во моментот е амбасадор на истата асоцијација.
Бил член на уредничкиот одбор на повеќе меѓународни списанија, меѓу кои „Албанолошки студии“ и „Историски истражувања“. Ко-основач и главен уредник е на меѓународното списание „Албанско историско списание“.
Учествувал на научни конференции и семинари во земјата и во повеќе странски земји, меѓу кои Турција, Австрија, Бугарија, Албанија, Швајцарија, Косово, Германија, Грција и др.
Научниот интерес на д-р Емини е фокусиран на историјата на балканските народи во 19 и 20 век. Има објавено неколку монографии и триесеттина стручно-научни статии за историјата на албанскиот народ и за историјата на останатите балканските народи.
Биографија на д-р Димитар Љоровски, научен советник при Институтот за национална историја во Скопје
Димитар Љоровски е роден на 12 декември 1981 година во Скопје, каде што завршил основно и средно образование. Дипломирал во 2005 година на Филозофскиот факултет во Скопје, на Институтот за историја. Во 2009 година магистрирал на Институтот за национална историја во Скопје, на тема „Дејноста на костурскиот митрополит ГерманосКаравангелис (1900-1904)“. Докторирал во 2013 година на Институтот за национална историја во Скопје, на тема „Андартското движење во југозападна Македонија (1904-1908)“.
Во 2009 година се вработил на Институтот за национална историја како асистент-истражувач. Во 2013 година бил избран за научен соработник, во 2016 година е избран за виш научен соработник, а во 2019 година го достигнува највисокото научно звање на Институтот за национална историја – научен советник.
Димитар Љоровски е автор на три монографии и пет зборници на документи. Објавил четириесеттина научни статии во домашни и меѓународни списанија. Неговиот научен интерес е концентриран на грчката политика кон Македонија кон крајот на 19 и на почетокот на 20 век, со фокус врз т.н. „Грчка македонска борба“ и македонското националноослободително движење. Покрај тоа, Љоровски обработува теми поврзани со националните движења на Балканот во 19 и на почетокот на 20 век, како и историјата на современата грчка држава
Учествувал на повеќе конференции во земјата. Од 2016 до 2019 година бил претседател на Здружението на историчарите во Република Македонија (ЗИРМ). Од 2022 година е член на Мешовитата мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања меѓу Р. Македонија и Р. Бугарија.
Ги зборува англискиот и грчкиот јазик.