
Владата планира со зголемување на производството на електрична енергија во РЕК „Битола“ и РЕК „Осломеј“, преку обезбедување јаглен од Косово, како и со рестартирање на ТЕЦ „Неготино“, да обезбеди стабилно снабдување во текот на зимата, да спречи посериозно зголемување на цената на струјата и да ја спаси земјата од европскиот енергетски ценовен шок. Премиерот Христијан Мицкоски најави дека целта е да нема поскапување или, доколку има, тоа да биде минимално и помало од пет проценти. Во моментов, рече, цените на електрична енергија и гас во Европа се зголемуваат до три пати.
На тој начин, како што истакна, планираат енергетски да ја затворат зимата без посериозни скокови и зголемувања на цената на електричната енергија. Ќе се потрудиме, вели, да нема воопшто или да има некоја минимална маргина која што ќе биде помала од пет проценти. Тоа, вели, е рамковно на она што во моментов го работи и планира Владата.
Како прв чекор за зголемување на домашното производство, тој го посочи почетокот на транспортот на јаглен од Косово кон Осломеј и Битола. За таа цел, појасни, се подготвува посебен граничен премин, покрај главниот премин Блаце, кој порано го користел КФОР, а сега се адаптира во соработка со Армијата и Царинската управа.
Според најавите, на овој премин треба да се обезбеди дневна пропусност од повеќе од 200 камиони, покрај околу 50-60 камиони што би минувале преку Блаце. Целта е да се овозможи испорака на над 6.000 тони јаглен дневно за потребите на термоелектраните. Кога на тоа ќе се додаде локалниот ископ на јаглен и увозот на помали количини од Грција, очекуваме да имаме стабилна пропусност на трите блока и сето тоа дополнето со производство од Осломеј.
Тендерот за транспорт и ископ на јаглен во Косово е во тек и се очекува да заврши до крајот на месецот.
Вториот чекор е рестартирањето на ТЕЦ „Неготино“. Производната цена на електричната енергија од оваа централа во моментов е двапати пониска од онаа на берзите. Транспортот нема да оди со камиони, туку за снабдувањето со гориво се планира транспорт од пристаништето во Солун преку железница. За таа цел, во тек е итна реконструкција на железничката делница што од главната пруга на Коридорот 10 води до ТЕЦ „Неготино“. Дрвените прагови се заменуваат со бетонски за пругата да може да издржи товар од над 10.000 тони.
Според премиерот, цистерните вагони ги имаме, логистиката ја имаме, за да не се случува како порано транспорт со камиони, па да се остава простор за шпекулации. Сето ова го организираат државните компании.
Мицкоски посочи дека енергетската криза, која трае од крајот на февруари, станува сè подлабока, особено поради ниските резерви на гас во Европа и ниските водостои на главните реки, што влијае и врз производството на хидроенергија, но оти нашата цел е да се спречи поскапување кај нас. Овој концепт на Владата смета дека ќе даде резултати, односно нема да има зголемување на цената на електричната енергија, како што е тоа во Европа.
Цените на енергенсите, рече, се многу битни затоа што тоа директно влијае на инфлацијата. Тој посочи дека просечната инфлација во октомври во земјава изнесувала 3,3 проценти, наспроти четири проценти во Европската Унија, додека во третиот квартал кај нас била 2,5 проценти, а во ЕУ 3,5 проценти.
Мицкоски додаде дека Владата досега успевала да ги менаџира состојбите со нафтата и нафтените деривати, посочувајќи дека цената на дизелот во земјава е под 1,5 евро за литар, додека во соседните земји е над две евра.
Тој изрази надеж дека проблемите со Ормускиот Теснец и војната во Украина ќе завршат, што, како што рече, би овозможило полесно справување со енергетските предизвици.



