Утрински Весник
Македонија

Љутков: Сите сомнежи за злоупотреби се предадени на обвинителството и судот

Screenshot 2026 06 05 090131.jpg

Министерството за култура и туризам ја заврши целосната ревизија на работењето на претходното раководство, а сите утврдени неправилности и сомнежи за злоупотреби веќе се доставени до надлежните правосудни институции. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ го потврди министерот за култура и туризам Зоран Љутков, одговарајќи на прашањата поврзани со евентуалната одговорност за трошоците направени во минатото.

Според Љутков, Министерството имало обврска да направи темелна анализа на состојбите веднаш по преземањето на ресорот и да ги документира сите констатирани недостатоци.

„Кога преземате буџет од речиси пет милијарди денари, мора да знаете од каква позиција тргнувате. Наша должност беше да направиме ревизија на сè што се правело и сите забелешки да ги испратиме до надлежните институции. Како понатаму ќе постапува судот, тука ние веќе немаме ингеренции“, изјави министерот.

Во разговорот беше отворена и темата за јавните дебати околу можноста за воведување реаудиции за уметниците кои се вработени во националните установи, а не се активно вклучени во продукцијата и програмските активности.

Љутков смета дека одговорноста не треба да се бара кај самите уметници, туку кај системот кој со години дозволувал неконтролирано вработување без реални потреби на институциите.

„Не се виновни уметниците, туку системот кој овозможил превработување во одредени институции, додека други останале без соодветен кадар. Јас отсекогаш сум бил против реаудициите. Ако воведете реаудиција, практично признавате дека со години државата плаќала луѓе кои не настапувале на сцена. На оние што работат, реаудиција не им е потребна“, нагласи тој.

Наместо вакви мерки, Министерството подготвува нов закон и нов модел на управување со човечките ресурси во културните институции. Во тек е и функционална анализа која треба прецизно да утврди колкав број вработени се неопходни за реализација на годишните програми во секоја национална установа.

Министерот посочи дека во дел од театрите постојат значително повеќе вработени актери отколку што реално се потребни за извршување на програмските активности, што доведува до нерамномерна распределба на работата и неефикасно користење на буџетските средства.

„Ако за реализација на програмата се потребни 20 актери, тие ќе бидат ангажирани во текот на целата година. Денес имаме институции со по 50 актери, а ниту 15 до 20 не можат да дојдат на ред да играат. Тоа значи дека некој во минатото вработувал повеќе отколку што било потребно. Веќе ја имаме анализата која ќе покаже колку актери, суфлери, испициенти и административен кадар се потребни за секоја институција. Таа рамка ќе биде затворена и нема да дозволиме понатамошно ширење на систематизациите“, порача Љутков.

Можете да прочитате

Левица: Во израелската агресија врз Либан гинат мировници на ОН – молкот на македонската Влада е соучесништво

СДСМ: ЕУ, Кошта и Вајц го потврдија она што го кажавме, сите лаги на Мицкоски се разобличени

ВМРО-ДПМНЕ: Миленикот на Заев, Богоев местел тендер во Царина вреден 300 илјади евра и побарал мито од 2.000 евра