Утрински Весник
Македонија

Љутков: Наследивме колабиран културен систем и институции без пари за плати

Screenshot 2026 06 05 090716.jpg

Министерот за култура и туризам Зоран Љутков во гостувањето во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ направи пресек на првата година од својот мандат, оценувајќи дека новата влада наследила сериозно нарушен културен систем, со институции кои функционирале на работ на опстанокот и без обезбедени средства за нормално работење.

Според него, една од првите задачи на Министерството била стабилизирање на културните институции и нивно враќање во состојба која ќе овозможи нормално функционирање.


„Направивме големо реструктурирање. Начекавме институции без буџети, сведени на минимум, со изгубени работни места и позиција недостојна за културата. Наша примарна цел во овој процес беше буквално да ги кренеме институциите и да ги вратиме на нозе, онака како што му приликува на овој сектор“, изјави Љутков.

Тој нагласи дека состојбата што ја наследиле не била резултат на краткорочни проблеми, туку на долгогодишно запоставување на културниот сектор. Како показател за тоа го наведе значителното намалување на средствата за култура во изминатите години.

Според министерот, од 2018 година наваму буџетите за култура бележеле пад од речиси 70 проценти, додека капиталните инвестиции биле практично замрзнати во периодот од 2017 до 2024 година.

Како еден од најилустративните примери за ваквата состојба, Љутков ја посочи изградбата на новиот Драмски театар во Скопје, проект кој бил започнат, а потоа целосно запрен.

„Во 2017 година веќе имаше потпишан договор за изградба на Драмски театар. Со доаѓањето на претходната влада, овој проект, како и многу други кои беа во процес на изградба, веднаш беше стопиран. Кога имате пауза од седум години и се враќате назад, сфаќате дека не можете само да продолжите таму каде што е застанато“, истакна министерот.

Љутков објасни дека долгогодишниот застој предизвикал дополнителни проблеми бидејќи голем дел од проектната документација и техничките решенија денес се застарени. Според него, современата сценска технологија значително напредувала, а дел од материјалите и опремата предвидени во старите проекти повеќе не се достапни на пазарот.

Дополнително, во одредени објекти кои со години стоеле недовршени или нефункционални, уништени се инсталациите и инфраструктурата, што значително ги зголемува трошоците за нивна реконструкција и ставање во употреба.

Министерот се осврна и на одлуката културата и туризмот да бидат обединети во едно министерство, оценувајќи дека ваквиот модел веќе покажува позитивни резултати.

„Статистиките и разговорите на терен потврдуваат дека најголемиот број туристи кои доаѓаат во Македонија доаѓаат токму поради културниот туризам. Затоа ова спојување беше есенцијално“, рече Љутков.

Тој оцени дека културното наследство, фестивалите, музеите, археолошките локалитети и културните настани претставуваат значаен потенцијал за развој на туризмот и економијата, поради што синхронизираниот пристап на двата ресори ќе биде еден од главните приоритети во наредниот период.

Можете да прочитате

Левица: Во израелската агресија врз Либан гинат мировници на ОН – молкот на македонската Влада е соучесништво

СДСМ: ЕУ, Кошта и Вајц го потврдија она што го кажавме, сите лаги на Мицкоски се разобличени

ВМРО-ДПМНЕ: Миленикот на Заев, Богоев местел тендер во Царина вреден 300 илјади евра и побарал мито од 2.000 евра