Утрински Весник
Македонија

Угинати риби во реката Треска, се бараат итни анализи на водата

Uginati ribi.jpg

Загрижувачки сцени од реката Треска – забележано е угинување на риба, а од Спортско-риболовното здружение „Хантер Фиш“ бараат итна реакција од надлежните институции и детална истрага за причините што довеле до ваквата состојба.

Од здружението синоќа преку социјалните мрежи алармираа за случајот, посочувајќи дека мора веднаш да се испитаат сите можни причини за угинувањето на рибата. Особено, велат тие, треба да се провери дали станува збор за загадување, труење или друга интервенција што можела да го загрози живиот свет во реката.


Од „Хантер Фиш“ бараат надлежните служби без одлагање да излезат на терен и да земат примероци од водата, како и од угинатата риба. Потоа, примероците треба да бидат испратени на лабораториска анализа за прецизно да се утврди што се случило во Треска.

Според здружението, случајот не смее да заврши само со констатирање на угинувањето, туку доколку се утврди дека причината е загадување или човечка активност, мора да се утврди и одговорноста.

„Водата е богатство на сите нас, а реката Треска е еден од најважните водни екосистеми во Кичево. Секое загадување, труење или друга интервенција која го загрозува животот во реката мора да биде детално испитана и да се утврди причината и одговорноста. Не смееме да дозволиме уште еден ваков случај да помине без одговор. Реката Треска не е канал за отпад – таа е живот“, порачаа од СРЗ „Хантер Фиш“.

Од здружението очекуваат брза реакција од институциите и јавно објавување на резултатите од евентуалните анализи, со цел да се утврди дали постои опасност за екосистемот на Треска и дали се потребни дополнителни мерки за негова заштита.

Можете да прочитате

Кируна- шведската европска престолнина на културата 2029 ги повикува македонските уметници да учествуваат со свои проекти

Му се заканувал на премиерот преку социјалните мрежи – ОЈО бара притвор

Постапка против 39-годишен маж од Черкези, во пораки преку социјални мрежи му се заканувал на Мицкоски