
Земјите членки на Европската фудбалска федерација (УЕФА) ќе одржат итен состанок подоцна оваа недела за да разговараат во врска со контроверзните предлози на Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) за продажба на комерцијалните удели во нивните најголеми натпреварувања, а не е исклучено меѓу темите на состанокот да биде и прашањето за евентуален европски бојкот на Светското првенство.
Како што објави денеска Би-Би-Си, 55-те членки на УЕФА ќе одржат состанок преку видеоконференциска врска и би било изненадување доколку на состанокот не се дискутира за можен бојкот.
Претходно оваа недела, ФИФА објави дека сака да формира нова комерцијална подружница за управување со своите големи натпреварувања, вклучувајќи го и Светското првенство, и да им дозволи на надворешни инвеститори да купуваат акции во компанијата.
Ова предизвика стравувања дека приватните инвеститори ќе добијат премногу влијание врз натпреварувањата, иако ФИФА тврди дека ќе обезбеди повеќе пари да се распределат на фудбалските асоцијации низ целиот свет.
УЕФА вчера остро реагираше, порачувајќи оти „фудбалот не е имот на ФИФА да го продава“.
Образложувајќи ги своите планови, ФИФА наведе дека е принудена да разгледува предлози за да помогне во поттикнување на развојот на фудбалот на глобално ниво, но тоа предизвикува стравувања дека нејзините најголеми натпреварувања, Светското првенство за мажи и жени, како и Светското клупско првенство, би можеле да се одржуваат почесто и со поголем број екипи во обид да се генерираат повеќе приходи.
Ова би имало големи последици за и онака веќе згуснатиот фудбалски календар, кој е дополнително оптоварен со проширувањето на европските клупски натпреварувања.
Англиски фудбалски извор за Би-Би-Си изјави дека заканата што ја претставуваат најновите планови на ФИФА е една од најголемите со кои се соочил фудбалот и е на исто ниво со проектот за Европската Суперлига, кој предизвика голема контроверзност во 2021 година и беше отфрлен 48 часа откако беше претставен.
ФИФА објави дека нејзиниот план е да го зголеми финансирањето за развој на фудбалот низ целиот свет на 10 милијарди долари и оти планира да им понуди на сите свои 211 членки еднократна финансиска поддршка од 20 милиони долари.


