
Главниот осомничен за синоќешниот терористички напад на Берлинската парада на гордоста е застрелан денеска за време на полициска операција, јави ДПА.
Мажот бил застрелан од полицијата, а подоцна починал од повредите.
– Околу 18 часот, осомничениот за вчерашниот напад во паркот Гросер Тиергартен бил сместен во комплекс од градинарски парцели во берлинскиот округ Шпандау. Според досегашните информации, тој се стрчал кон полицијата со ладно оружје, нож или мачета, по што припадниците на берлинската специјална полиција употребиле огнено оружје. И покрај фактот што припадниците на берлинската противпожарна служба веднаш започнале со реанимација, осомничениот починал на местото на настанот, изјави портпарол на полицијата.
За време на нападот во саботата навечер, една жена беше усмртена, а 29 лица беа повредени, некои сериозно, кога напаѓачот со комбе влета во толпата на Берлинската парада, по што избега.
Според полицијата, ниту еден од повредените не е во животно загрозувачка состојба.
„Билд“ и „Ди Велт“ објавија дека напаѓачот е Абдул Балут, 21-годишен маж роден во Берлин, кој има германско државјанство и либанско потекло. Тој неодамна бил осуден за подготовка на сериозно кривично дело против државната безбедност. Неговото семејство е по потекло од Либан, а неговата мајка добила германско државјанство во 2002 година.


