Утрински Весник
Свет

Убедлива победа на опозицијата на изборите во Јужна Кореја

20240411071542 Big 730x400 65.webp.webp
Ss2

Либералните опозициски партии во Јужна Кореја извојуваа убедлива победа на вчерашните парламентарни избори, нанесувајќи му удар на претседателот Јун Сук Јеол и неговата конзервативна партија, иако не добија двотретинско мнозинство во парламентот.

Според првичните резултати на Националната изборна комисија, Демократската партија освои 170 од 300 мандати во новото свикување на парламентот. Исто така, се очекува Либералната партија, која важи за сојузник на Демократската партија, да освои најмалку 10 мандати.

300x250 (7)

-Гласачите ме избраа мене, со што покажаа палци надолу за администрацијата на претседателот Јун Сук Јеол. Демократската партија ќе ја преземе одговорноста за животниот стандард на граѓаните и ќе создаде подобро општество, изјави лидерот на Демократската партија Ли Џе-мјунг.

Некои аналитичари го сметаа изборниот натпревар како референдум за претседателот Јун, чија популарност опадна по порастот на трошоците за живот и низата политички скандали. Во центарот на еден од нив беше неговата сопруга која на подарок прифатила скапа чанта од Диор. Освен споменатата афера, бројни опозициски кандидати во кампањата го истакнаа лошото менаџирање на економијата на претседателот.

Првата дама Ким Кион Хи не е видена во јавноста од 15 декември и не го придружуваше претседателот за време на гласањето на избирачкото место. Неговата Народна партија на изборите освои 100 мандати, што е доволно за да ги спречи победниците на изборите да формираат двотретинско мнозинство во парламентот, што ќе им овозможи да го отфрлат ветото на претседателот на законите и да усвојат измени на Уставот.

Националната изборна комисија денеска треба да ги објави официјалните резултати. На изборите излегоа 67 отсто од гласачите, односно 29,7 милиони лица со право на глас, што е највисока забележана излезност кога се во прашање парламентарните избори, додека малку поголема излезност беше забележана само на претседателските избори во 2022 година, на кои тесно победи Јун Сук Јеол.

Иако претседателот на државата не се натпреваруваше на изборите, поради лошиот резултат на неговата партија, неговите шанси да ги протурка своите законски предлози низ парламентот сега се значително намалени. Во последниве месеци, тој вети дека ќе ги намали даноците, ќе го поедностави бизнисот за компаниите и ќе донесе пакети за помош на семејствата во општеството во светот кое најбрзо старее.

Ss1

Можете да прочитате

Седум Палестинци загинаа, а 32 се ранети во израелски бомбардирања

Борел: Неколку земји ќе ја признаат Палестина до крајот на мај

ОН: Отстранувањето на експлозивните направи во Газа ќе трае 14 години