Утрински Весник
Свет

Уапсен близок соработник на Нетанјаху – праќал лажни информации до странски медиуми

Netanjahu.jpg

Израелската полиција го уапси блискиот соработник на премиерот Бенјамин Нетанјаху, Елиезер Фелдштајн, поради „пренесување доверливи информации на странски медиуми“. Според наводите на опозицијата, станувало збор за лажни информации. Целта на измамата на Фелдштајн беше да ги спречи напорите за завршување на војната и постигнување договор за заложниците во Појасот Газа, се наведува во обвиненијата.

Истрагата е фокусирана на тврдењата дека кабинетот на премиерот се обидел да ги убеди странските медиуми дека Хамас имал намера да шверцува заложници во Египет и со тоа да го принуди Нетанјаху да прекине со огнот и да ги ослободи заложниците. Според судскиот налог, информациите незаконски објавени од израелските воени системи всушност ја „загрозувале способноста на Хамас да ги ослободи заложниците што ги држи во Газа“.

Портпаролот на Нетанјаху негира дека какви било информации протекле од кабинетот на премиерот и истакна дека дотичната личност (се мисли на Фелдштајн) никогаш дури и не учествувала во какви било безбедносни дискусии.

Стравувањата дека целата ситуација ќе им наштети на затворениците во Газа, портпаролот на премиерот ги нарече апсурдни. Опозицискиот лидер Јаир Лапид го обвини кабинетот на премиерот дека прави се за да го саботира договорот за размена на заложници и да влијае на јавното мислење.

Против постапките на Нетанјаху се изјаснија и семејствата на заложниците кои исто така сметаат дека Нетанјаху упорно ги саботира сите обиди да се постигне договор со Хамас бидејќи смета дека крајот на војната во Газа ќе доведе до предвремени избори, кои не би му одговарале. Нетанјаху ги отфрла сите овие тврдења.

Нетанјаху и претходно се соочуваше со слични обвинувања. Во септември германскиот весник „Билд“ го посочи како виновник за продолжување на војната. Тогаш премиерот рече дека нема да потклекне пред притисоците и дека нема гаранција дека Хамас ќе се придржува до својот дел од договорот, дури и ако се согласи со условите.

Опозицијата и семејствата на заробените заложници ги опишуваат постапките на Нетанјаху и неговите соработници како една од најголемите измами во историјата и го повикуваат судот да утврди дали спорните информации навистина дошле од кабинетот на премиерот, а споменатата канцеларија категорично отфрла сите овие наводи.

Можете да прочитате

Русија ѝ даде на Северна Кореја борбени авиони за да испрати војници во Курск

Пентагон изврши успешен тест на пресретнување на балистичка ракета во близина на Гуам

Политико со своја листа на најмоќни во Европа: На прво место Џорџа Мелони