Утрински Весник
Економија

УЈП на 7 -мата Германско-македонската конференција: Контролингот станува основа за информирано и одговорно одлучување

Image 2026 09 30 160828874.png

Тековните предизвици во контролингот – вештачка интелигенција, дигитализација и преквалификација беа во фокусот на 7-мата Германско-македонската конференција за контролинг, која денеска се одржа во Хајделберг Факултетот во Скопје.

На конференцијата, како панелисти учествуваа директорката на УЈП, м-р Елена Петрова, и управникот на Регионалната дирекција на УЈП – Струмица, Александар Николов.


Конференцијата обедини експерти, професионалци и претставници од академската заедница, финансискиот сектор, банкарството, осигурувањето, технологијата, индустријата и јавниот сектор, во рамки на еднодневна дискусија посветена на иднината на контролингот.

Во своето обраќање на тема „Тековни предизвици во контролингот – вештачка интелигенција, дигитализација и преквалификација“, директорката на УЈП м-р Елена Петрова се осврна на улогата на контролингот, аналитичките алатки и вештачката интелигенција во современото работење на даночната администрација.

„Предизвикот не е само да воведеме аналитички алатки и вештачка интелигенција во контролингот, туку да создадеме систем што знае што да прави со знаењето што го добива од овие алатки“.

Говорејќи за контролингот во институционалниот контекст на УЈП, директорката посочи дека станува збор за систем на планирање, следење, известување, анализа и прилагодување, чија цел не е само да покаже што се случило, туку да помогне во носењето одлуки за тоа што треба да се направи. Притоа, нагласи дека мерењето на успешноста не треба да се сведува само на бројот на реализирани активности, туку треба да го опфати и нивниот ефект врз однесувањето на даночните обврзници и степенот на даночна усогласеност.

„Не е доволно да мериме активности за да знаеме што сме правеле. Мора да мериме резултати, но и влијанија врз однесувањето на даночните обврзници“.

Во тој контекст, таа ја истакна важноста на јасно поставените цели и индикатори, како и примената на меѓународно прифатени рамки за мерење на перформансите на даночните администрации, меѓу кои и TADAT рамката – инструмент за дијагностичка проценка на даночната администрација.

Посебен дел од презентацијата беше посветен на примената на аналитичките алатки и вештачката интелигенција во управувањето со даночните ризици. Според директорката Петрова, анализата на податоците овозможува подобро разбирање на однесувањето на даночните обврзници, причините за неусогласеност и материјалното влијание на ризиците врз приходите, со што ресурсите можат да се насочат таму каде што можат да дадат најголем ефект.

„Масовноста ја заменуваме со таргетираност, а реактивноста со проактивно управување“.

Таа нагласи дека за ефикасно користење на аналитичките алатки и вештачката интелигенција се потребни квалитетни и интегрирани податоци, култура на носење одлуки врз основа на податоци. „Вештачката интелигенција може да предложи одлука, но не може да поставува приоритети, не може да создаде стратегија и не сноси одговорност. Институцијата, службите и раководството ги носат одлуките и имаат одговорност за нив“, посочи Петрова.

Во делот посветен на дигиталната трансформација, директорката се осврна и на тековните процеси во УЈП, насочени кон унапредување на квалитетот и достапноста на податоците, развој на современи аналитички капацитети и вложување во знаењето и вештините на вработените.

Како дел од оваа трансформација, таа ја посочи и е-фактурата, која ќе овозможи структурирани податоци во реално време, како и активностите за воспоставување складишта на податоци и алатки за деловна интелигенција.Таа заклучи дека вистинската трансформација не се случува само со воведување нови технологии, туку преку промена на организациската култура, развој на човечкиот капитал, одговорно управување и способност за претворање на податоците и аналитичките сознанија во подобри одлуки.Она што ќе ги разликува успешните организации не е технологијата што ја имаат, туку капацитетот да ја претворат во подобри одлуки, подобри резултати и поголема вредност истакна директорката на УЈП.

„Контролингот, поддржан со современи алатки, но и силни институции, не е само функција на управување, туку основа за доверба, одговорност и оддржлив развој.“

Панелист на конференцијата беше и управникот на РД Струмица, Александар Николов, кој во своето обраќање истакна:

„Воведувањето на дигиталните реформи во даночната администрација ќе имаат позитивен ефект врз поедноставување на деловните процеси на компаниите. Основната придобивка е намалување на административниот товар а тоа значи замена на рачните и со автоматизирани процеси што значи повеќе време за фокусирање на работниот потенцијал кон суштински работи: планирање, анализа на финансиски извештаи, барање на клиенти, маркетинг итн. Тоа секако ќе има позитивен одраз врз продуктивноста на деловниот сектор и последувателно ќе предизвика поголем раст на компаниите.“

Конференцијата „Тековни предизвици во контролингот – вештачка интелигенција, дигитализација и преквалификација“ ги отвори прашањата за иднината на контролингот, дигиталната трансформација, примената на вештачката интелигенција и потребата од континуирано унапредување и преквалификација на човечките капацитети во јавниот и приватниот сектор.

Можете да прочитате

СДСМ: Мицкоски го сотре земјоделството — 10.000 земјоделци помалку заради владата!

Фич: Кредибилната монетарна политика и стабилниот банкарски систем се клучни фактори за економската стабилност

Македонската берза под притисок: зошто паѓа МБИ10 и дали поевтините акции ќе ги вратат инвеститорите?