Утрински Весник
Економија

Треновски: Сиромашните во Македонија трошат до 80 отсто од парите за храна, богатите само 17 отсто

Img 5918.jpeg

Огромни разлики во животниот стандард и начинот на трошење на семејните буџети постојат меѓу најсиромашните и најбогатите граѓани во Македонија. Додека најсиромашните 20 проценти од населението издвојуваат дури 75 до 80 проценти од своите средства за храна, најбогатите 20 проценти за истата намена трошат само околу 17 проценти.

Овие податоци ги изнесе универзитетскиот професор Борче Треновски во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ, предупредувајќи дека растот на цените на основните прехранбени производи најтешко ги погодува граѓаните со најниски приходи.


„Дваесет проценти од најсиромашното население кај нас троши околу 75 до 80 проценти за храна, а во двете потрошувачки кошнички храната не учествува со повеќе од 50 проценти. Тие се уште поранливи од она што сега го гледаме“, истакна Треновски.

Според него, овие бројки јасно покажуваат дека просечните статистички показатели не ја отсликуваат вистинската финансиска состојба на сите семејства. Особено загрижува фактот што најранливите категории речиси целиот расположлив буџет го насочуваат кон обезбедување на основните животни потреби.

Професорот објасни дека дури и две домаќинства со идентични месечни примања можат да имаат сосема различен животен стандард. Дали семејството живее во сопствен дом или плаќа кирија, дали има дополнителни здравствени трошоци и колку членови издржува се само дел од факторите што влијаат врз реалната финансиска состојба.

„Најбогатите 20 проценти трошат само 17 проценти за храна во Македонија. Замислете колку повеќе сиромашното население е погодено од цените на храната. Од таа причина не можете да пресметате една просечна потреба за сите“, посочи Треновски.

Тој предупреди дека единствената потрошувачка кошничка не може да биде доволен показател за потребите на сите категории граѓани, бидејќи структурата на трошоците значително се разликува во зависност од нивните приходи и животни околности.

Според Треновски, неопходно е државата да развие посебни модели за пресметување на потрошувачката на различни категории домаќинства, со особен акцент на оние што се најизложени на поскапувањата.

„Треба да се фокусираме на најранливите и со таргетирани мерки да им помогнеме. Треба да ја видиме нивната потрошувачка кошничка и да носиме мерки што ќе им ја олеснат состојбата“, порача професорот.

Неговата порака е дека економските мерки треба да се креираат според реалните потреби на граѓаните, а не исклучиво врз основа на просечни показатели, бидејќи истото поскапување може да има многу потешки последици за домаќинствата што најголем дел од приходите ги трошат за храна.

Можете да прочитате

Николоски: За прв пат се градат шест автопати истовремено

Нова инвестиција на „Кромберг и Шуберт“ – отвора 2.000 работни места во Битола за производство на делови за „Ауди“

ВЛЕН: ММФ и Светската банка ги зголемуваат прогнозите, економијата е на добар пат