Утрински Весник
Балкан

Спасени над 700 мигранти јужно од грчките острови Гавдос и Крит

Migranti 1.webp.webp

Во акција на крајбрежната служба на Грција за извлекување по морски пат на заглавени мигранти од карпест дел на грчкиот остров Гавдос, спасено било 41 лице, од кои четворица се повредни и пренесени во болница, а двајца биле пронајдени во безживотна состојба, додека бројот на мигранти откриени во морскиот дел јужно од Гавдос и Крит, надминува 700 лица, јави дописничката на МИА од Атина.

Во спасувачката акција за извлекување на заглавените лица интервенирал брод на силите на Фронтекс со помош на приватен чамец.


Од спасените, четворица со патролен брод на грчката крајбрежна служба се пренесени на Крит за да бидат префрлени во здравствена установа за укажување медицинска помош.

Паралелно, според информациите од Крајбрежната служба на Грција, во текот на ноќта и во текот на денешниот ден, интервенирале во над десет одделни операции и биле спасени 756 мигранти, кои со над 10 чамци биле откриени во морскиот дел јужно од Гавдос и Крит, а сите биле безбедно пренесени на пристаништата.

Осум од операциите биле во близина на Крит, а останатите кај малиот остров Гавдос, што е најјужната точка на Грција и Европа, додека пак голем број од чамците биле откриени од воздушни средства или беспилотно летало на силите на Фронтекс.

Во чамците се пренесувале меѓу 36 и 50 лица, со исклучок на два во кои имало 80 и 102 лица.

Локалните медиуми до Крит пишуваат дека бројката на спасени мигранти во текот на денешниот ден е повисока и може да надмине и 1.000 лица, кои пристигнале со над 20 чамци. 

Можете да прочитате

Полицајци и пожарникари протестираа во Софија, бараат повисоки плати и реформа на МВР

Судири на нов протест во Тирана и повици за оставка на Еди Рама

Не е само Крива Паланка, и Котор и Тиват се борат крави скитници