
Државните институции се во постојана комуникација со концесионерот на етно-комплексот Македонско село со цел овој туристички и културен објект успешно да продолжи да функционира и да не ја доживее повторно судбината на затворање и пропаѓање. Ова во емисијата „Ноќно студио“ на 4ТВ го истакна директорот на Службата за општи и заеднички работи (СОЗР), Ивица Томовски.
Томовски посочи дека комплексот веќе една година работи стабилно, но дека за негово долгорочно одржување е потребна дополнителна поддршка, особено за хотелските и сместувачките капацитети.
„Им стоиме на располагање и како логистика и како поддршка. Овој период им е подобар за работа на ресторанските услуги, но им треба мала помош за хотелските капацитети со кои располагаат. Година дена функционираат стабилно и се надевам дека така ќе биде уште долги години“, изјави Томовски.
Според него, главниот проблем лежи во специфичниот правен статус на објектите, бидејќи тие не се водат како класичен хотел, туку како апартманско сместување. Поради тоа, комплексот не може да конкурира на одредени јавни повици и набавки за хотелски услуги.
Од СОЗР апелираат туристичките агенции, институциите и организациите почесто да го користат и препорачуваат комплексот, со цел да се развие туристичкиот потенцијал и да се испочитува договорната обврска објектот да не биде затворен во следните 15 години.
Во однос на инфраструктурната поврзаност, Томовски откри дека веќе се водат разговори со ЈСП Скопје за воведување почести автобуски линии до комплексот.
Тој додаде дека голем број државни институции веќе организираат настани во „Македонско село“, а странските делегации и гости редовно си заминуваат со позитивни впечатоци од автентичниот македонски амбиент.
Во рамки на истото гостување, Томовски се осврна и на контролата на службените возила по воведувањето на новите регистарски таблички. Според него, граѓаните сè почесто пријавуваат сомнителна употреба на државни автомобили.
„Граѓаните навистина се осмелуваат да пријават нерегуларности. Најчесто реагираат кога ќе сретнат службено возило на пазарче или пред маркет. Имавме случај со возило на Општина Гази Баба на Кванташкиот пазар, за кое се утврди дека било таму за инспекторски надзор“, објасни Томовски.
Тој нагласи дека СОЗР е должна по секоја пријава да побара официјален одговор од институцијата и да утврди дали возилото било користено за службени или приватни цели.
Паралелно со ова, СОЗР продолжува и со расчистување на сопствениот возен парк, при што досега се расходувани повеќе од 100 нефункционални службени возила кои со години стоеле запоставени на плацовите на службата.


