Утрински Весник
Македонија

Антонио Јолевски назначен на местото на осомничениот обвинител Пецо Везировски

Antonio jolevski.jpg

Поранешниот претседател на Советот на јавните обвинители, Антонио Јолевски, е назначен за вршител на должноста раководител на Вишото јавно обвинителство во Битола, на местото на Пецо Везировски, против кого се води истрага поради сомнение за примање награда за противзаконито влијание.

Одлуката е донесена на 53. седница на Советот на јавните обвинители, одржана на 13 октомври, откако Основниот кривичен суд Скопје го известил Советот дека на Везировски му е определена мерка на претпазливост со која му се забранува извршување определени работни активности поврзани со кривичното дело за кое е осомничен.


По добиеното известување, Советот ја ставил вон сила претходната одлука со која Везировски бил назначен за вршител на должноста раководител на Вишото јавно обвинителство Битола, а на негово место го назначил Јолевски.

Особено интересно е што токму Антонио Јолевски, додека бил претседател на Советот на јавните обвинители, во 2022 година го предложил Пецо Везировски за вршител на должноста раководител на битолското Вишо обвинителство. Четири години подоцна, по отворањето на кривичната постапка против Везировски, Јолевски го презема раководењето со институцијата.

Јолевски е долгогодишен јавен обвинител, кој претходно раководел со Основното јавно обвинителство Битола, а од 2021 до 2023 година ја извршувал функцијата претседател на Советот на јавните обвинители. Во октомври 2024 година бил избран за јавен обвинител во Вишото јавно обвинителство Битола.

Неговиот мандат на чело на Советот беше проследен и со контроверзии поврзани со професионалното напредување на обвинителката Ленче Ристоска. Во декември 2023 година, Комисијата за спречување и заштита од дискриминација утврдила директна продолжена дискриминација, како потежок облик на дискриминација, од страна на Советот во постапките поврзани со нејзиното напредување.

Јолевски го оспорил мислењето на Комисијата пред Управниот суд, но во јули 2024 година судот ја одбил неговата тужба.

Промената на раководната позиција во Вишото јавно обвинителство Битола следува по истрагата што Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција ја отвори на 7 октомври против Пецо Везировски.

Според сомневањата на истражните органи, Везировски ја користел својата службена положба и реалното влијание за да влијае врз постапувањето на други обвинители и судии во најмалку четири различни предмети.

Обвинителството се сомнева дека целта на ваквото влијание била да се обезбедат поблаги казни или поповолна процесна положба за одредени осомничени и обвинети лица. Во текот на истрагата, според објавените информации, биле применувани и посебни истражни мерки за обезбедување докази.

Во јавноста случајот се поврзува и со одлуката за враќање на пасошот на бизнисменот Борче Марковски, сопственик на „Марковски компани“, кој е обвинет во предмет поврзан со јавна набавка во РЕК Битола. Сепак, надлежното Обвинителство досега официјално не потврдило дека овој предмет е меѓу четирите случаи што се опфатени со истрагата против Везировски.

Со најновата одлука на Советот, Везировски повеќе нема да раководи со Вишото јавно обвинителство Битола, но тоа не значи дека е разрешен од функцијата јавен обвинител.

Кривичната постапка против него продолжува, а до евентуално донесување правосилна осудителна пресуда важи презумпцијата на невиност.

Можете да прочитате

Голема сајбер-операција на МВР и ФБИ: Разоткриен 20-годишник кој администрирал криминална интернет-платформа

Започнува вакцинацијата против сезонски грип, еве како да се пријавите

Одбраната на Груби се оградува од синоќешниот дочек во Чаир