
Симпозиумот „Односите меѓу Турција и Северна Македонија од перспектива на меѓународната политичка економија“, организиран вчера од Центарот за примена и истражување на румелиските студии (RUÇAM) при Истанбулскиот универзитет Румелија, привлече голема посетеност.
На настанот присуствуваа Идрис Фазлиоски, генерален конзул на Република Северна Македонија во Истанбул, Есер Џевахир, почесен конзул во Едрене, Диме Ратајкоски директор на Културно-Информативен Центар на Република Северна Македонија во Истанбул, Фикрије Балџи претседател на Управниот одбор на Фондацијата Балџи, проф. д-р Мустафа Кара ректор на Истанбулскиот универзитет Румелија, претставници на здруженијата на Румелија, академски и административен персонал, како и студенти.
Д-р Ердем Ерен, директор на RUÇAM, во воведниот говор истакна дека историските и културните врски меѓу Турција и Северна Македонија често се набљудуваат низ романтична призма, но симпозиумот обезбедува порационална и поаналитичка рамка за овие односи.
Ректорот на Универзитетот Истанбул Румелија, проф. д-р Мустафа Кара, рече дека длабоко вкоренетите културни врски го зајакнуваат меѓусебното разбирање и дека симпозиумот е вредна платформа за носење на заедничкото наследство во иднината и развивање нови можности за соработка.
Генералниот конзул Идрис Фазлиоски ја нагласи долготрајната пријателска традиција меѓу двете земји, заедничките вредности и важноста на културата на соработка и регионалната солидарност.
Симпозиумот се одржа во две сесии првата на турски, а втората на англиски јазик. Првата сесија ја модерираше д-р Есфер Али, финансиски директор на Џевахир Македонија, кој презентираше податоци за турските инвестиции во Северна Македонија. Д-р Ердем Ерен ја презентираше „Анализа на политичките и економските односи меѓу Турција и Северна Македонија врз основа на пристапот на паметна моќ“, а Исмаил Али, експерт за надворешна политика, говореше за ЕУ ерспективата на Македонија и предизвиците во надворешната политика. Ерхан Хасип, директор на МРТ 4, ја анализираше регионалната политичка рамнотежа, додека Есер Џевахир ги претстави економските односи од перспектива на инвеститорите.

Д-р Есфер Али истакна дека во Северна Македонија се регистрирани 4.138 турски компании, од кои само една четвртина поднеле годишни сметки. Вкупниот профит на турските компании изнесува 32 милиони евра, а актива од 1 милијарда евра. Тој посочи дека турските инвестиции имаат значително влијание врз социо-економскиот развој и дека потенцијалот за идни инвестиции сe уште не е целосно искористен.
Д-р Али, истовремено, нагласи дека зачувувањето на имиџот на Турција е клучно, особено со оглед на активностите и достигнувањата на турските компании во последните 15 години.
Исмаил Али експерт за надворешна политика нагласи дека Турција е активна и конструктивна сила на Балканот, со потребата за развивање одделни односи со македонските државни институции, јавноста и турската заедница во Македонија. Процесот на интеграција во ЕУ е клучен за стабилноста на Западен Балкан и внатрешната политичка рамнотежа на земјата.
Есер Џевахир, почесен конзул на Република Северна Македонија во Едрене и потпретседател на Македонско-турската стопанска комора (МАТТО), истакна дека „Односите меѓу Турција и Северна Македонија се одличен пример како економската рамнотежа и поддршката за инвеститорите ја стабилизираат трговијата и создаваат долгорочни бенефити за двете страни“.
Ерхан Хасип, истакна дека меѓуетничките односи и личните врски сè уште се клучни фактори во Балканската политика. „Меѓуетничките спорови и денес ја обликуваат политичката и економската рамнотежа на регионот“, рече Хасип, нагласувајќи дека долгорочната соработка меѓу Турција и Северна Македонија бара заедничка стратегија која ги вклучува сите чинители од институции до медиуми и културни организации.
Втората сесија, модерирана од д-р Џихан Гуњел, се фокусираше на економскиот и општествениот развој. Проф. д-р Борче Треновски зборуваше за „Стратешки насоки за економски и општествен развој“, проф. д-р Шенај Хаџимустафа за „Отклучување на економскиот потенцијал преку институционални реформи“, а Борче Смилевски презентираше за билатералните економски договори меѓу двете земји во контекст на даночните политики.
Проф. д-р Борче Треновски истакна дека Северна Македонија треба долгорочна и интегрирана стратегија за економски и социјален развој, која ќе овозможи стабилност, ќе го привлече инвеститорскиот интерес и ќе создаде одржливи економски односи на Балканот.
Борче Смилевски, даночен експерт и поранешен директор на Одделот за договори во Министерството за финансии, на симпозиумот во Истанбул нагласи дека билатералните економски договори меѓу Северна Македонија и Турција се од суштинско значење за економскиот развој на земјата.
Симпозиумот се сметаше за сеопфатен настан кој ги опфати политичките, економските и културните односи меѓу Турција и Северна Македонија, дискутирајќи за потенцијалот за идна соработка на академско ниво и развој на долгорочна стратегија за економски и социјален развој.


