
Силното невреме што попладнево го зафати Скопје го собори големиот 60-метарски јарбол на кој беше истакнато државното знаме на Македонија, лоциран на кружниот тек кај трговскиот центар „Ист Гејт“ (поранешен хотел „Континентал“).
Според првичните информации, конструкцијата на јарболот попуштила под налетите на силниот ветер, по што металниот столб се срушил и завршил на земја. На местото веднаш пристигнале надлежните служби кои работат на обезбедување и расчистување на теренот.
За среќа, во моментот на падот нема пријавено повредени лица, но причинета е материјална штета.
Скопје попладнево беше погодено од силно невреме проследено со обилни врнежи и ветер со брзина од над 100 километри на час, кој предизвика повеќе штети во различни делови од градот. Надлежните институции се очекува да ги утврдат точните причини за уривањето на јарболот и да извршат проценка на настанатата штета.

