Утрински Весник
Македонија

Срам ми е дека мора да поставиме блокатори за полагање државна матура, но неопходно е, рече министерката Јаневска откако 268 ученици се фатени како препишуваат

Vesna Janevska Vesna Janevska 1 1.jpg

Просечната оценка која ја постигнаа средношколците на државната матура годинава е 3.25, што е помалку од минатата и од предминатата година, соопштија денеска на прес-конференција министерката за образование и наука Весна Јаневска и директорката на Државниот испитен центар (ДИЦ) Билјана Михајловска.

Во 2023 година просечната оценка беше 3.65, додека во 2022 година – 3.78. Ова, според Државниот испитен центар е резултат на заострените мерки при полагањето кои овој пат беа преземени.

Вкупно 268 ученицни паднале на државата матура, ним им е изрчена мерката поништување на испитот и ќе можат повторно да полагаат во августовскиот испитен рок.

Како што кажа директорката на ДИЦ, Михајловска, биле откриени 49 ученици кои за време на решавањето на тестовите користеле мобилен телефон, а четворица ученици се фатени како препишуваат решенија по претходно добиени одговори на поставените прашања. При оценувањето на тестовите, оценувачите детектирале 175 ученици кои препишувале на тестовите, како и 22 плагијати.

Срам ми е дека ќе мора да поставиме блокатори, но тоа е неопходно за доброто и за иднината на учениците. Мене ми е јасно дека ниту за 8 дена, ниту за осум месеци нема да се смени менталитетот на народот. Во странство е срамота 1 ученик од 14 милиони да препишува, а не од 14 илјади како кај нас. Но мора тоа да го воведеме, за да не му падне на памет на ниту еден ученик да препишува, ниту на еден тестатор да замижува“, рече министерката.

Вкупно 14.834 пријавени кандидати, на 1 јуни го полагаа задолжителниот екстерен испит по мајчин јазик, додека на 8 јуни се полагаше изборниот предмет, а тестирањето се спроведе во холовите и спортските сали на училиштата, заради поголема прегледност и контрола на набљудувачите над учениците.

Како што беше кажано на пресот, средната оценка по мајчин јазик е 3,37, за англиски јазик 3, 06, за француски јазик 4,47.

Во однос на оценката и по мајчин јазик и по англиски јазик сметаме дека оваа година таа оценка е многу пореална од претходните години, рече Михајловска.

Како што рече Михајловска, најголем број на прекршување на правилата за полагање на Државната матура се констатирани во СЕПУГС „Арсени Јовков“ – Скопје вкупно 32, потоа во СУГС „Д-р Панче Караѓозов“ – Скопје каде се изречени 18 мерки, во СОУ „8 Септември“ – Тетово има 14 изречени мерки, по 13 мерки за прекршување на правилата на тестирањето се изречени во СОУ „Методија Митевски – Брицо“ – Скопје и ЦСНО „28 Ноевмри“ – Дебар. Во СУГС „Цветан Димов“ – Скопје се изречени 12 мерки за остранување од процесот на полагање на Државната матура.

Во понеделник и во вторник учениците кои не се задоволни од оценката може да поднесат приговор до училиштата, кој потоа ќе биде проследен до ДИЦ и комисиите за разрешување на приговорите.

Сите ученици кои не приговараат практично од денес веќе ќе може да ги добијат дипломите во своите училишта. Доколку не приговараат резултатите се конечни. Доколку приговараат ќе почекаат до 16-ти јули да им ги испратиме резултатите по разрешување на приговорите. Од 10-ти почнува периодот на пријавување за августовскиот рок и ќе трае до 18-ти. Потоа, на 12 и 14 август повторно полагаат во августовски испитен рок оние ученици коишто не го положиле испитот во јунскиот испитен рок или коишто од која било причина биле оправдано отсутни, рече Михајловска.

Министерката Јаневска за следната година вети две новини кои ќе помогнат за подобра организација на полагањето на државната матура и како што рече, ќе се обидеме да немаме препишувања и други противзаконски, неетички и неморални дејства и на учениците и на тестаторите и набљудувачи.

Ќе инсистирам полагањето на Државната матура да се реализира во амфитеатрите и други простории на јавните факултети каде има блокатори и друга технологија која ќе оневозможи користење на комуникациски уреди за време на полагањето, затоа што најчесто, поединечни и масовни препишувања се случуваат преку примена на мобилни телефони и други уреди на кои има инсталирани апликации за комуницирање, истакна Јаневска.

Втората мерка се однесува на измена на правилниците за полагање државна матура, од аспект на подигнување на одговорностите на лицата кои се вклучени во процесот.

Мора да постојат санкции за набљудувачите, тестаторите и за сите они ги делат просториите со учениците што полагаат, а прават пропусти и жаргонски кажано – замижуваат пред некоректни активности од страна на учениците“, додаде министерката.

Можете да прочитате

Штип вечерва е обвиен во чад поради шумски пожар, да се избегнува присуство на отворено

Муцунски: Ќе го истражиме работењето на дипломатите во изминатиот период и ќе воспоставиме мрежа на стручни дипломати кои се грижат за интересите на државата

Полициските хеликоптери  исфрлија над 120 тони вода врз пожари