Утрински Весник
Македонија

Слушав експлозии, почувствував кисел мирис, барав помош рече сведок на денешното судење за „Пулс“

Whatsapp image 2025 11 19 at 10.08.59.jpeg

Сведокот на обвинителството, Теа Ѓорѓиева, денеска пред судот даде потресно сведоштво за кобната ноќ кога избувнал пожарот, опишувајќи како забавата за неколку секунди се претворила во хаос, паника и борба за живот.

Одговарајќи на прашања од Обвинителството, таа откри дека пиротехничките средства не биле поставени од самиот почеток, туку дополнително, додека посетителите веќе биле внатре.


„Јас снимав со телефонот. Додека снимав, не го видов, после една минута забележав дека гори. Почетокот на пожарот е снимен на моето видео. Нормално, сите снимавме видеа во тие моменти… Бендот почна да пее, видовме дека почна да гори, но никој не го сфати сериозно тоа“, сведочеше Ѓорѓиева.

Таа појасни дека огнот тргнал од горниот дел на објектот, од искрите на пиротехниката.

Според нејзиниот исказ, иако членовите на бендот им кажале на присутните да излезат надвор, голем дел од публиката останал внатре. Паниката започнала кога луѓето масовно се упатиле кон излезот.

„Сфатив дека се заглавувам во гужвата… Следниот момент се сеќавам дека бев меѓу излезната и влезната врата. Знам дека бев заглавена, бев легната на земја и беспомошна. Во тој момент се обраќав за помош“, раскажа сведокот.

Ѓорѓиева посочи дека почувствувала чуден, кисел мирис, а зад себе слушала звуци налик на експлозии.

Во најтешките моменти, додека го држела својот пријател за рака, од толпата ја извлекол член на обезбедувањето по име Стојанчо.

Во вкрстеното испрашување, одбраната на обвинетите Дејан и Михаил Јованов се фокусираше на прашањето кој ја поставил пиротехниката. На прашањето дали таа се согласува дека обвинетите не ја поставиле пиротехниката, сведокот одговори потврдно, но не можеше да потврди кој точно го сторил тоа.

На дополнително прашање дали доколку посетителите навреме ја сфателе сериозноста немало да настане толкава гужва и стампедо, сведокот кусо одговори:

„Не знам“.

Можете да прочитате

Скопски таксист „одрал“ странски турист – 7.800 денари од Центар до Средно Водно

Претрес во Охрид, пронајдени дрога, оружје и муниција

Средби на Муцунски со министерката за европски и меѓународни работи на Австрија, Беате Мајнл-Рајсингер, и со министерката за Европа, Клаудија Бауер