Зелен хуман град утре од 16 часот организира протестен марш за чист воздух, кој ќе започне од Министерство за животна средина и преку Собранието ќе заврши пред Владата. Од организацијата велат дека протестот се организира заради огромниот број на смртни случаи кои се диртектна последица на загадувањето на воздухот. Секоја година од 3.828 до 5000 луѓе во Македонија ги губат своите животи како директна последица на изложеноста на штетните честички PM2.5, што е 17,7% од вкупната смртност во државата.
„Особено загрижувачки е фактот дека едно од девет починати деца под една година го губи животот поради загадениот воздух,“ велат од ЗХГ.
Екологистите бараат од надлежните институции итно и системско справување со загадувањето на воздухот преку имплементација на ефикасни мерки кои ќе го заштитат здравјето на граѓаните и драстично ќе го намалат аерозагадувањето. Тие предлагаат повеќе краткорочни и среднорочни мерки, меѓу кои се и прогнозирањето на температурните инверзии во котлините, со цел подобро управување со аерозагадувањето, транспарентен регистар за интегрирани дозволи во кој ќе се наведат правни лица и нивните локации кои се должни да поседуваат Б-интегрирана дозвола за работа, но при контрола е утврдено дека ја немаат, потоа намалување на сообраќајната инфраструктура за автомобили и забрана на увоз на стари возила, на сметка на зајакнување на велосипедската инфраструктура.
Меѓу барањата на екологистите е и планот за режим на сообраќај кој ќе се активира веднаш штом се надминат граничните вредности на загадувачки материи и доколку тоа трае подолго од 24 часа.
Во среднорочните мерки, ЗХГ ги наведува поставувањето на густа мрежа на мерни станици кои ќе обезбедат јавно достапни податоци во реално време за степенот на загаденост околу овие капацитети, изградба на сеопфатна велосипедска мрежа, инсталирање на фотоволтаични системи на јавните објекти и институции под надлежност на Владата, градовите и општините, субвенции за индивидуалните домаќинства за фотоволтаици и за енергетски ефикасни фасади, како и систем за самоизнајмување велосипеди.